Средба Димовски-Јаковина: Македонија и Хрватска ја продлабочуваат соработката во земјоделството

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Димовски, денеска оствари средба со својот хрватски колега, Тихомир Јаковина.

На средбата се дискутирало за  приоритети во областа на земјоделството кои ќе бидат содржани во меморандум со кој и формално ќе биде потврдена  досегашната плодна соработка.

- За Република Македонија е особено значајна можноста за понатамошна соработка во делот на искористување на претпристапните фондови (ИПА) и искуствата на Хрватска во спроведувањето на мерката за техничка помош, акредитација на мерките рурален развој и Лидер како и улогата на советодавните служби во спроведување на ИПАРД, истакна Димовски.

Хрватскиот министер Јаковина рече дека му честитал на својот домаќин за одличните резултати и позитивни трендови во производството на храна,  извозот и обезбедување на сопствениот пазар со земјоделски производи од Македонија.

- Република Хрватска од десет години подготовки за влез во ЕУ има богато искуство во преговорите и во усаглосувањето со европското законодавство и тоа сакаме да го споделиме, не само како земја-членка на ЕУ туку како земја-пријател и партнер на вашиот пат кон ЕУ, рече Јаковина.

Треба да имаме што повеќе заеднички вложувања. Република Хрватска веќе има значаен број инвестиции во вашата земја, но со оглед на релативно малото производство и во Македонија и во Хрватска, треба да работиме на заеднички проекти за излез на трети пазари. Треба на нашите стопанственици да им создадеме можности за поврзување,  планирање и заеднички настапи. Пазарот е отворен и либерализиран, а понудата и цената се условени од квалитетот и стандарзиацијата на квалитетот, истакна Јаковина на прес-конференција по средбата.

15.02.2014 - 12:53
Фото: 
МИА

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа