Груевски апелира: Да се почекаат анализите и наодите на МВР за настанот во Гостивар

Премиерот Никола Груевски денеска по посетата на новата Лабораторија за оптички комуникации на Факултетот за електротехника и информациски технологии, истакна дека треба се почека на резултатите од сите медицински анализи и наодите на Министреството за вантрешни работи во врска со вчерашниот настан во економското училиште во Гостивар.

 - Добро е што сите се заминати од болницата и се во одлична здравствена состојба без одредени последици, но она што би апелирал е да се сочекаат резултатите од сите медицински анализи и, се разбира, наодите на МВР. Тие кога ќе бидат 100 отсто подготвени ќе ги објават. Тие веќе имаат свои согледувања. Првичните резултати даваат согледувања, меѓутоа практиката во оваа сфера, како во медицинската така во полициско-детективската е додека 100 отсто не се истражи да не се излегува со изјава, така што би апелирал да се почека. Можеби за некој ден сето тоа ќе биде завршено и објавено, апелира премиерот.

Инаку, тој вчера заедно со министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, ги посети пациентите во болницата.

- Лекарскиот тим синоќа беше целосно ангажиран и исто така екипите на МВР беа на лице место во сите болници каде што беа сместени децата. Кога слушнав за овој настан отидов да видам за што се работи, едно заради здравјето на самите деца, да видам што се случува, дали е некој во животна опасност, дали треба нешто да се алармира, дали треба да се покрене некој поголем степен на безбедност, дали треба да се повикаат лекари од дома... Особено во услови кога министерот за здравство во моментов е на службен пат. Затоа бев лично таму и второ, за да видам да не се работи за нешто друго што е надвор од регуларните здравствени текови, рече премиерот Груевски.

15.02.2014 - 15:26
Фото: 
МИА

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега