Годинава пет милијарди денари за македонските патишта

Средствата од акцизи од нафтените деривати, парите од патната такса, некои други надоместоци што се плаќаат на магистралните и на регионалните патишта, како и приливот на средства од кредити земени од ЕИБ ќе го наполнат буџетот на ЈП за државни патишта, од каде што, пак, ќе се финансираат многубројните проекти во патната инфраструктура.

Како што пишува Вечер, Јавното претпријатие за државни патишта со годинашнава програма за изградба, реконструкција, рехабилитација, одржување и заштита на државните патишта планира да оствари приходи од околу пет милијарди денари. Од нив најголемиот дел ќе бидат добиени од делот од акцизата што се наплатува за секој продаден литар нафтен дериват. Од патната такса што се плаќа при регистрација на возилата се очекува прилив од 1,35 милијарди денари, а откако ќе се одбијат 50 милиони денари кои ќе им бидат вратени на имателите на моторни возила кои со своето возило одреден период поминале надвор од РМ, како и 300 милиони денари кои ќе им бидат распределени на градот Скопје и на другите општини за општинските патишта и улици и 25 милиони денари што се наменети за станиците на технички преглед на возила, тогаш на ЈП за државни патишта по овој основ ќе му останат само 975 милиони денари .

Главниот акцент и оваа година ќе биде ставен на инвестициите од странски кредити во патната инфраструктура, за што се предвидени вкупно 6,87 милијарди денари (111,7 милиони евра), од кои ќе бидат финансирани проекти за подобрување на регионалната и на локалната патна мрежа во износ од 600 милиони денари (околу 10 милиони евра) што ќе ги земеме од Светска банка, потоа од Европската банка за обнова и развој се предвидени 1,25 милијарди денари, од кои една милијарда за проектот за подобрување на регионалната и на општинската патна мрежа, а 250 милиони денари за проектот за електронскиот систем за наплата на патарини. Дваесет милиони денари се предвидени од кредит од Европската инвестициска банка за консултантски услуги за доизградба на делницата Демир Капија - Смоквица, а пет милијарди денари се средства обезбедени од кредит од Ексим банката за изградба на делниците Миладиновци - Штип и Кичево - Охрид., пишува Вечер.

За оваа година се планира да се објави еден тендер во кој ќе бидат вклучени околу 50 локални патишта, со вкупна должина од околу 100 километри и со проценета вредност од околу 6,5 милиони евра. Преку проектот за регионални локални патишта финансиран од ЕБОР планирана е реконструкција и рехабилитација на делницата Велес - Кадрифаково Фаза 2, потоа Велес - Лозово, каде што во тек е тендерската постапка за избор на изведувач и делницата Лозово - Сарамзалино Кадрифаково, каде што се планира набавка во првиот квартал на оваа година. Исто така, се планира да се изградат експресните патни делници: Охрид - Пештани, Градско - Прилеп, Штип - Кочани и Ранковце - Крива Паланка, потоа магистралниот пат Битола - Ресен - Буково. Од регионалните патни правци се планира изградба на: спој со А4 - Ново Село, Маврово - Жировница - Дебар, Пробиштип ски-центар Пониква, Тораница - Саса (Крива Паланка - Кременица), Гардски Мост - Извор, Тетово - Брвеница - Чегране - Гостивар, Мелнички Мост - Центар Жупа, Лажани - Ропотово - Црнилиште, Старо Коњарево - Ново Коњарево, Нов Дојран - Николиќ, Делчево - Голак, Кривогаштани - Обршани - Воѓани и патот Мокрино - Смолари, како и изградба на автопат на делницата Подмолје - Струга. 

За инвестиции со сопствени средства предвидени се 698 милиони денари (11,3 милиони евра), кои ќе се искористат за продолжување на започнатите градежни работи, исплата на пренесени обврски од минатата година и исплата за завршни работи и депозити за добро извршени работи во гарантниот период, како и за тековни трошоци за изградба и рехабилитација на неколкуделници.

Исто така, за инвестициско одржување во согласно со договорот со ЈП "Македонијапат" предвидени се 170 милиони денари, а 488 милиони денари ќе бидат потрошени за изработка на физибилити студии, инфраструктурни проекти, студии за животна средина за нови проекти што допрва треба да се реализираат.

17.02.2014 - 09:32
Фото: 
Денешен

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега