Котески: Борбената готовост на АРМ задоволителна

Борбената готовност на единиците на Армијата на Република Македонија во моментов е задоволителна, оцени началникот на ГШ генерал-потполковник Горанчо Котески пред денешниот брифинг на воениот врв за состојбата на вооружените сили во 2013 година, на кој присуствуваа претседателот на Република Македонија и врховен командант на вооружените сили Ѓорге Иванов, министерот за одбрана Талат Џафери, клучниот персонал од Министерството за одбрана и ГШ на АРМ и  командантите на потчинетите команди. 

- Денеска ќе реферирам за борбената готовост на единиците и командите на АРМ за 2013 година. Ќе го информирам претседателот Иванов за задачите кои АРМ ги обавуваше во текот на 2013 година и ќе го запознам со пополнетоста на единиците, состојбата на моралот на човечкиот потенцијал и техниката со која  располага Армијата, изјави Котески.

На брифингот ќе стане збор и за приоритетите на АРМ во 2014 година, а ќе бидат доставени и одредени предлози за подобрување на борбената готовост.

- Моментално Генералштабот на АРМ изработува динамички план за повлекување на единиците од Авганистан и врши анализа за ангажирањето по 2014 година во Авганистан во смисла на начинот на ангажирање и избор на партнери со кои ќе учествуваат, рече Котески. 

Инаку, Брифингот за борбената готовност е редовна обврска на ГШ на АРМ кон претседателот на Република Македонија и Врховен командант на Вооружените сили, кога му се реферира за борбената готовност на Армијата во изминатата година.

17.02.2014 - 12:14
Фото: 
МИА

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа