Анкета на ЦИА: Груевски и ВМРО-ДПМНЕ со убедливо водство пред Заев и СДСМ

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ заедно со коалициските партнери има голема предност пред СДСМ со коалиционите партнери доколку утре би се одржале предвремени парламентарни избори, пoкажува најновата анкета на Центарот за истражување и анализа -ЦИА Скопје.

Според анкетата на ЦИА, 30,3 отсто од испитаниците одговориле дека на следните парламентарни избори гласот би го дале за ВМРО-ДПМНЕ и коалиционите партнери, додека за опозицијата предводена од СДСМ би гласале 12,4 отсто од испитаниците.

За Демократската унија за интеграција (ДУИ) се определиле 7,4 отсто од испитаниците, додека за ДПА 3,2 отсто.  За Граѓанската опција за Македонија- ГРОМ на Стевчо Јакимовски гласот би го дале 4,7 отсто од испитаниците, додека за РДК 1,1 отсто.

Останатите партии како ЛДП и Достоинство имаат рејтинг под еден отсто. 15 отсто од испитаниците одговориле дека за ниедна од партиите нема да гласаат, додека 24,5 отсто одговориле со незнам.

Во однос на рејтингот на политичките лидери, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ ужива убедливо најголема доверба, односно 32,4 отсто од испитаниците се изјасниле дека во Груевски имаат најголема доверба. За лидерот на СДСМ, Зоран Заев се изјасниле 11,2 отсто од испитаниците.

Потоа следат Али Ахмети со 6,9 отсто рејтинг, Мендух Тачи со 3,3%, Андреј Жерновски со 2,6%, Стојанче Ангелов со 1,6% и Руфи Османи со 1,3 отсто доверба. Љубчо Георгиевски, Ивон Величковски и Владо Бучковски имаат рејтинг под 1%. Дека немаат доверба во ниту еден политичар се изјасниле 25,4 отсто, незнам одговориле 4,6%, додека за друг 3,2 отсто.

Дури 48,4 отсто од испитаниците во целост не се согласуваат со идејата за консензуален кандидат за претседател, 15,1 отсто одговориле дека начелно се согласуваат, додека само 12,2 отсто дека потполно се согласуваат. 38,7 отсто од испитаниците одговориле дека треба да има предвремени избори заедно со претседателските, против тоа се 33,1 отсто, додека со незнам одговориле 28,1 отсто.

Истражувањето на ЦИА е направено по методот на теренско истражување на репрезентативен примерок од 306 испитаници по изборна единица, односно вкупниот број на испитаници е 1,836, интервјуирани по случаен  избор.

Маргината за грешка во резултатите е =/- 2,29%.

17.02.2014 - 17:28

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега