Груевски: Успешноста на фирмите значи нови странски инвестиции

Изградба на подобри бизнис релации, надградување на знаењата и искуствата на домашните компании, со што би станале пококурентни на пазарот, се очекувањата на Владата од денешната прва средба на странските инвеститори со македонските компании.

На форумот „Бизнис поврзување на странските инвеститори во Република Македонија со домашните компании кои имаат потенцијал да станат нивни добавувачи“, свои обраќања имаа премиерот Никола Груевски, вицепремиерот и мнистер за финансии Зоран Ставрески, заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања Владимир Пешевски и министерот за екомомија Ваљон Сараќини.

Премиерот Никола Груевски истакна дека денешната средба претставува уште еден чекор во низата чекори на Владата за иградба на подобри бизнис релации и поголема соработка меѓу компаниите кои што функционираат во нашата држава и порача домашните компании да ја интензивираат соработката со странските вложувачи, истакнувајќи дека бенефитот ќе биде двостран и огромен - помали трошоци за производство, транспорт и увоз, заштеда на време, размена на технологии, знаења и вештини, поголема конкурентност, освојување нови пазари, како и реинвестирање.

Тој  додаде дека еден од основните интереси на Република Македонија и на Владата е фимите кои работат во нашата земја да бидат што поуспешни и со поголема заработка.

-Бенефитот од ваквото партнерство се огледа во повеќе сегменти и полиња, најпрво  користењето на услуги и репроматеријали од домашните компании во споредба со увозот на истите од странски држави значи директно намалување на  тошоците за  производство и зголемување на додадената вредност на производите кои се произведуваат во Македонија. На тој начин директно се намалуваат трошоците за транспорт од подалечните змеји и секако се одбегнуваат трошоците за царина во нашата земја, рече премиерот Никола Груевски, обраќајќи се пред присутните.

Од  друг аспект, како што нагласи Груевски, успешноста на фирмите во голема мера значи задоволство на вработените и менаџерите и нови работни места. Од аспект на државата, според Груевски, доброто работење на фирмите, пак, значи нови странски инвестиции, подобар животен стандард и задоволство кај граѓаните на Република Македонија.

-Да се работи во република Македонија денес значи големи придобивки кои треба да се искористат до максимум, нашата позициониранст како земја со ниски даноци, добро образована и квалитетна работна сила, ниски трошоци за производство, многу поволности и даночните олеснувања, ги прават домашните компании конкурентни и посакувани како партнер во многу сегменти, истакна Груевски.

Тој доаде дека Владата останува  доследна на заложбите за отвореност кон бизнис заедницата.

-Нашата мисија останува иста – водењето бизнис во Македонија да биде лесен, брзорастечки и профитабилен процес. Во такви околности напредок и развој ќе има секоја компанија што работи и опстојува тука, потенцира Груевски.

Според него, има многу причини поради кои е потребно да се воспостават поблиски релации и деловни партнерства меѓу странските и домашните компании. Првиот чекор е воспоставување комуникација, да се слушнат потребите и барањата на странските компании, како и да се презентираат можностите и понудите на домашните.

 

 

17.02.2014 - 20:58

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега