Македонија инвестициска дестинација за германските компании

Вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски по бизнис форумот во Минхен истакна дека Македонија е инвестициска дестинација за германските компании.

- Најголемите работодавачи кои отвараа нови работни места во изминатиот период доаѓаат токму од Германија. Затоа го ставаме акцентот на овој регион, бидејќи сметаме дека постојат уште голем број компании од повеќе индустрии, не само од автомобилската, кои би можеле да ја препознаат Македонија како нова инвестициска дестинација. Сметаме дека сега е вистинско време кога веќе неколку компании покажале дека Македонија е местото каде што може да се инвестира, дополнително да го засилиме притисокот и активноста и тоа да резултира со нови инвестиции и конечно со отворање нови работни места во Република Македонија, порача Пешевски од Минхен, пренесе МИА.

Џени Мокоси од „Комфи Ангел“ на бизнис форумот во Минхен истакна дека планираат да го прошират бизнисот во Македонија.

 

- До скоро ја снабдувавме само Британија. Како што почна да расте продажбата кон европските потрошувачи, побарувачката се зголемува, се прошируваме во Прилеп, инвестираме во нови машини, вработуваме нови луѓе и чувствуваме дека можностите со операциите во Прилеп се бесконечни. Во следните пет до 10 години ќе се развие во голем и силен бизнис, изјави Мокоси која посочи дека Македонија не е мала земја во Источна Европа, туку дека станува дел од големото европско семејство.

 

Бизнисменот Франк Фолк ги потенцираше добрите услови што ги нуди македонската Влада и поддршката што ја дава на странските инвеститори.

- Се зборуваше многу за ниските трошоци и ниските даноци, но кога ја посетив Македонија и кога зборував со бизнисмените таму најимпресивно беше за мене како функционира Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони и официјалните лица во Владата кои се грижат за компаниите кои доаѓаат во Македонија. Тие не велат еве дојдете во Македонија овде нема да плаќате даноци и со среќа, туку тие најискрено даваат поддршка и помош и се целосно флексибилни и целосно се небирократски во решавањето на проблемите, изјави Фолк.

20.02.2014 - 09:54
Фото: 
вмро-дпмне.орг

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега