Прв ќе се гасифицира скопскиот регион

Министерот за транспорт и врски денеска пред претставниците од градежните компании од Сојузот на стопански комори изјави дека најдоцна до крајот на годината се очекува да биде потпишан договорот со концесионерот за изградба на дистрибутивната мрежа за природен гас во Скопскиот регион.

 

- Договорот најдоцна треба да се склучи до крајот на годината, а потоа има максимум период на подготовки од една година по што треба да започне градежните работи. Потоа постепено ќе се приклучуваат објектите. Значи во рок од четири години треба да се изградат 70 проценти од дистрибутивната мрежа, така што очекувам за година дена од склучувањето на договорот да започне приклучувањето на дистрибутивната мрежа, појасни министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.

 

Концесијата ќе се додели за период од 20 години, а идниот концесионер мора да изгради минимум мрежа од 250 километри. Во општините како што се Аеродром, Центар, Кисела Вода, Карпош, Ѓорче Петров, Гази Баба, Чаир и Бутел каде има повеќе население и поголем број индустриски капацитети, концесионерот ќе биде обврзан да изгради 51 процент од мрежата.

 

 

- Она што е важно е тоа дека за една третина ќе се намалат трошоците за граѓаните и за компаниите. Инвестицијата што ќе ја направат граѓаните и компаниите, ќе им се врати за една до три години, нагласи Јанакиески.

 

 

Направените анализи покажуваат дека стан од 80 метри квадратни кој се грее на парно, ќе има намалување на трошоците за 24 проценти, ако се грее на струја ќе заштеди 35 проценти, а доколку го користи екстра лесното масло како енергенс за греење, заштедите ќе бидат 54 проценти.

 

 

- Гасификацијата ќе придонесе за поголема рентабилност на компаниите и поголема продуктивност во нивното работење, како и поголема конкуретност на пазарите, истакна Сеан Кочан, претседател на Комората за градежништво при ССК.

 

Скопскиот регион ќе биде првиот од планираните три региони во државата кои ќе се гасифицира.

20.02.2014 - 13:42
Фото: 
фактор.мк

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега