Бугарски „Филкаб“ доаѓа во Македонија: Инвестиција од 3,5 милиони евра и нови 100 работни места

Бугарската компанија „Филкаб“  во земјава ќе инвестира 3,5 милиони евра во производствен капацитет за електро материјали кој ќе отвори 100 работни места, информираа денеска министерот за странски инвестиции Џери Наумоф и менаџментот на компанијата, која веќе е присутна на македонскиот пазар 10 години.

Објектот на компанијата ќе се простира на 10 илјади метри квадратни во Визбегово, општина Бутел и ќе произведува трафостаници за пренос на електрична енергија. Производството е наменето за домашниот пазар.

- Инвестицијата во Македонија претставува знак за доверба во нашата економија и политиката на Владата, рече Наумоф.

Наумоф објасни дека првиот контакт почнал пред една година и дека со напорна работа во последните пет месеци и со поддршка од премиерот биле изнајдени соодветни решенија овој проект да стане реалност.

- Оваа инвестиција ќе биде голем економски поттик за областа на Скопје од причина што ќе обезбеди повеќе од 50 работни места во почетната фаза и можност за повеќе од 100 нови работни места, кога инвестицијата ќе работи со полн капацитет. Исто така овој проект ќе биде од корист и за локалните македонски компании кои ќе ги изведуваат градежните работи, рече Наумоф.

Тој се надева дека оваа успешна приказна ќе биде дополнителен поттик и за други бугарски компании кои сакаат да го прошират на регионалниот пазар и пошироко.

Најави дека во моментов работи со неколку други бугарски компании од земјоделскиот сектор и минерални суровини кои сакаат да инвестираат во земјава.

Со ова вложување, компанијата Филкаб сака да ја зајакне својата позиција на регионалниот пазар и пошироко.

- Главниот мотивирачки фактор за компанијата била желбата присутна во државната политика за подобрување на бизнис климата и привлекување странски инвестиции. Ова го велат затоа што пред околу 10 години во почетокот на нашата работа во Македонија се соочивме со голем број тешкотии при реализацијата на нашите планови, истакна Миле Шаоски, претставник на Филкаб.

Досега инвестирале околу еден милион евра во имот, проекти и складишни објекти.

-Веруваме дека со решението да создадеме сопствен производствен и логистички капацитет во Македонија ќе успееме да ја зајакнеме својата позиција не само на локалниот пазар, туку овој капацитет ќе биде основен логистички центар од кој ќе се снабдуваат сите пазари од западно-балканскиот регион, рече Шаоски. 

Според Никола Аврамов, претсваник од бугарскиот Филкаб, има очигледна разлика во условите за работа од пред десет години.

Филкаб има 15-годишна историја. Стартуваше со трговија, потоа производство на различни технички линии и производи. Компанијата работи во повеќе земји надвор од Бугарија како Романија, Грција, Кипар, Германија, Албанија и Косово и намерата е да развијат слична дејност и во Македонија. 

21.02.2014 - 12:07
Фото: 
МИА

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега