СДСМ промовираше две нови економски мерки

Опозициската партија СДСМ, денеска промовираше две нови економски мерки од партиската Програма.

Според партијата, со овие мерки ќе се овозможи отворање на нови работни места, раст и раздвижување на економијата.

Мерка 1: Заем за Франшиза во висина од 15.000 до 50.000 евра.

 

-Претприемачите кои сакаат во нашата земја да доведат некој познат бренд, (пример „Мек Доналдс“, „Кока Кола“ „Стар бакс“ ), преку склучување на договор за преземање на сите права и обврски за користење на брендот, производите, системот на работа, правилата и процедурите (франшиза) ќе можат да конкурираат за заем во висина од 15.000 до 50.000 евра, велат од СДСМ.

 

За оваа можност, СДСМ ги предвидува следните услови:

- 1% каматна стапка

- 1 година грејс период

- 48 месеци рок на отплата

Мерка 2: „Заем за мешовити инвестиции“, помеѓу домашни и странски партнери во висина од 15.000 до 50.000 евра

-Секој граѓанин на Република Македонија, кој сака да отвори нов бизнис, а за истиот ќе привлече странски партнер, кој би вложил барем 30% од вкупната инвестиција, ќе може да конкурира за овој заем. И за оваа мерка важат истите услови како и за претходната, објаснуваат од СДСМ.

 

Заемот за двете мерки, велат од партијата, ќе биде овозможен преку Македонската банка за поддршка на развојот (МБПР).

 

Според СДСМ, на овој начин компаниите ќе имаат финансиска поддршка, но истовремено и странски искуства, интернационална мрежа на делување и можност за ефективно учество на странски пазари.

 

 -Со овие мерки, со досега споменатите и со многу други кои допрва ќе ги промовираме, ќе ја вратиме оправданоста да се живее и да се создава во нашата земја, велат од СДСМ.

 

 

 

 

23.02.2014 - 15:13

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа