Нема плаќање социјални придонеси - Владата ги намали трошоците за вработување на млади лица

 

Владата одлучи работодавачите од приватниот сектор кои ќе вработат млади лица до 29 години, евидентирани како невработени во Агенцијата за вработување, да бидат ослободени од плаќање социјални придонеси во тек на првата година, информираше премиерот Никола Груевски на денешната прес-конференција.

Мерката за која Владата на денешната седница усвоила измени на три закони, ќе трае две години со можност за продолжување зависно од постигнатите резултати. Целна група се сите млади невработени лица  до 29 години. Според статистиката на Агенцијата за вработување се работи 45 илјади лица од кои 25 илјади активни баратели на работа, а 20 илјади пасивни.

Груевски објасни дека со новата мерка работодавачот ќе биде ослободен од плаќање придонеси за пензиско и инвалидско осигурување, за здравствено осигурување и за осигурување во случај на невработеност.

- Ослободувањето од социјалните придонеси ќе биде за период од 12 месеци со обврска понатаму работодавачот да го задржи на работа тоа лице уште дополнителни 12 месеци. Ослободувањето ќе се однесува на основицата на која се плаќаат социјалните придонеси односно до основицата од просечната бруто плата од претходната година. Доколку работодавачот исплати нето плата повисока од просечната плата ќе треба да си изврши доплата на социјалните придонеси на разликата од просечната плата до исплатената плата, објасни премиерот.

Покрај тоа што владината одлука отвора нови можности за вработување на млади лица, додаде премиерот, тоа претставува олеснување и поддршка за бизнис заедницата, затоа што државата им ги намалува трошоците за ангажирање работен кадар и можат да ги употребат за друга намена за развој на нивниот бизнис.

Како што објасни Груевски, покрај ослободувањето од социјалните придонеси, работодавачот ќе биде ослобеден и од плаќање персонален данок на доход за тоа лице, можност  што постои како законско решение.

- Сега  покрај тоа што работодавачот ќе биде ослободен од плаќање персонален данок за вработување  млади лица до 29 годишна возраст дополнително ќе биде ослободен од плаќање социјални придонеси за вработување млади лица до 29 години во период од 12 месеци, рече Груевски.

Според него, тоа ќе ги намали трошоците за вработување на работодавачот за вработување на лица за 37 проценти, односно 27 проценти за придонеси и 10 проценти за персонален данок од големината на бруто платата.

За да ја користат новата мерката работодавачите од приватниот сектор не треба да го намалиле бројот на  вработени на неопределено време од 1 јануари годинава до денот на вработувањето на новите работници, освен во случај на смрт, пензионирање или прекршување на Законот за работни односи. Треба да поднесат барање до Агенцијата за вработување за користење на оваа можност. Ако неосновано го намалат бројот на вработени во период од 24 месеци и го  откажат договорот за вработување  со ангажираното лице, имаат обврска за плаќање на придонесите од задолжителното социјално осигурување.

Новата мерка, истакна премиерот, е продолжение на активностите и политиките на Владата во изминатиот период за  отворање нови работни места и намалување на невработеноста. Владините политики во таа насока, како што рече, резултирале со намалување на стапката на невработеност од 38 на 28 проценти во периодот од 2006 до 2014 година.

- Тоа е намалување за околу 10 процентни поени. Тоа значи дека од 2006 до 2014 година се вработени 108  илјади  лица, што е јасен доказ дека политиката на Владата дава резултати, рече Груевски. 

23.02.2014 - 15:20
Фото: 
MIA

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа