СДСМ промовираше нови мерки: Ќе го вратиме достоинството на образованието

СДСМ ќе ги укине членовите од Законот за високо образование што ја загрозуваат автономијата на универзитетот. И академска и финансиска. СДСМ ќе го врати достоинството на образовниот систем во Македонија прилагодувајќи го на светските трендови, истакна Петар Атанасов од СДСМ на денешната прес-конференција на која беа презентирани нови мерки од партиската програма.

-Ќе создадеме Фонд за научно-истражувачка дејност. Секој научен институт на државните универзитети, за период од 4 години, ќе добие конкретен Буџет, според понудена програма, со којшто самостојно ќе располага. Професорите ќе може да  истражуваат и да објавуваат во странски научни списанија. Ќе ги зголемиме финансиските средства за истражување и развој што денес се сведени на историски минимум, велат од СДСМ. 

Програмата предвидува секој студент да има електронска картичка преку која ќе може да ги користи сите студентски поволности. Со ова, рече Атанасов, ќе го подигнеме студентскиот стандард преку разни бенефиции за сите студенти, поврзани со студентскиот стандард. Тој објасни дека студентските организации ќе бидат мрежно поврзани преку редовно финансирање портали на кои ќе бидат објавувани сите информации од интерес на студентската заедница. 

-Една од мерките што ја предвидуваме за подобрување на студенскиот статус и стандард, согласно светските практики, е  донесување законски решенија за вработување на студентите на определено време, со определен максимум од половина работен ден. Тоа се околу 20 работни часови неделно за редовен и вонреден студент, но со намалени давачки кон државата. Овој ангажман работодавачот ќе мора да го регистрира како работен стаж и уредно да ги пријави вработените во Агенција за вработување, рече денеска Атанасов.

За другите предвидени мерки дополнително ќе информираме. 

 

25.02.2014 - 14:25

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега