Бабунски со најсилен состав против Португалија

Селекторот на нашата млада репрезентација Бобан Бабунски ќе го има најсилниот состав за претстојниот дуел со Португалија кој ќе го играме на гостински терен во рамките од квалификациите за Европското првенство во 2015 година.

За селекцијата до 21 година ќе настапат играчите кои беа дел од сениорскиот тим: Давид Бабунски, Стефан Ристовски, Александар Трајковски и Езџан Алиоски.

- Благодарност до Федерацијата и селекторот за тоа што ни овозможија оние млади играчи кои се потенцијални кандидати за „А’’ селекција да ни помогнат. Португалија е силна селекција, тоа го докажа во изминатите натпревари, а впрочем се лидери во групата. Нам ни преостанува да ја повториме играта како на сите натпревари досега каде се обидувавме да победиме, да се надигруваме со противникот. Се надевам дека овие селектирани играчи ќе ни помогнат да оствариме позитивен резултат во Португалија, изјави селекторот на младата фудбалска репрезентација Бобан Бабунски, на денешната прес конференција.

На списокот на Бабунски за дуелот со Португалија се следниве фудбалери: голманите Столе Димитриевски и Дејан Илиев, во одбрана: Кристијан Тошевски, Ѓоко Зајков, Висар Муслиу, Христијан Драгарски, Дино Најдоски, Езџан Алиоски, Стефан Ашковски и Александар Дамчевски. Во средниот ред се: Мартин Блажевски, Дарко Мицевски, Давид Бабунски, Стефан Ристовски, Дарко Велковски и Александар Атанасов, а во нападот: Фахрудин Ѓурѓевиќ, Александар Трајковски, Марјан Радески и Доријан Бабунски.

Натпреварот меѓу младите селекции на Португалија и Македонија ќе се игра на 5 март. 

26.02.2014 - 17:38

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега