ВМРО-ДПМНЕ: Инвестирањето во инфраструктурата е наш врвен приоритет на кој континуирано работиме

ВМРО-ДПМНЕ останува доследно на ветувањата кои ги дава, а тоа го потврдува еден од најкапиталните, најзначајните и најскапите проекти што се реализирале во Република Македонија-Коридорот 8, за поврзување со источниот сосед преку железнички сообраќај, чија реализација почна вчера со поставување камен-темелник.

- Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ покажа дека инвестирањето во инфраструктурата е наш врвен приоритет на кој континуирано работиме, рече на денешната партиска прес-конференција Елена Кузмановска.

Таа подвлече дека проектот Коридор 8, кој инаку важи за најголем инфраструктурен проект од ваков вид што се случил во државата, граѓаните го паметат само како споменик на една транзиција и една голема лага од минатото. Реализацијата на проектот ќе се одвива во три фази и ќе опфати вкупно 89 километри нова железничка инфраструктура, а активно ќе биде вклучена македонската градежна оператива, но и многу други македонски компании. Тоа, вели Кузмановска, ќе значи раздвиживање на македонската економија и севкупно раст на БДП во годините додека да се комплетираат сите фази од проект до 2022 година. 

При тоа додаде дека проектот ќе чини околу 527 милиони евра, само за градежни работи, сума која, вели, никогаш претходно не е инвестирана во железничката инфраструкура во Македонија од сите претходни влади заедно. Со неговата реализација се зајакнува соработката со Република Бугарија на економски план, се зајакнува трговијата и размената на продукти, а проектот, рече, ќе има големо економско значење за целиот источен регион, но и за целата држава.

- Сериозноста во реализирањето на проектите, нам како политичка партија која е на власт, ни е на прво место и тоа сме го докажале безброј пати. Овој проект ќе се реализира. Ние тоа што го ветуваме, тоа и го реализираме. За разлика од нас една друга Влада и една друга партија во 90-тите во пресрет на изборите ветија и зад себе оставија само лаги и бетонски столбови кои и до ден денес сведочат за нивната несериозност, подвлече Кузмановска.

Таа најави дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ и понатаму ќе се фокусира на инфраструктурни проекти кои ќе придонесат за брз развој и забрзана економија во Република Македонија. - Споредено 2005 година и 2013 година, капиталните инвестиции во инфраструктурата пораснале за 277 отсто, што уште еднаш докажува дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ работи на ова поле повеќе од сите претходни влади заедно, децидна е Кузмановска. 

03.03.2014 - 15:10

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега