Крвав понеделник: Дванаесет повредени во сообраќајки во Скопје

 Во текот на изминатото деноноќие на подрачјето на Град Скопје се случиле вкупно 12 сообраќајни незгоди.

Пет од несреќите се со последица материјална штета, а пет со последица телесна повреда. Полесни повреди заработиле тројца возачи на патнички моторни возила, пет сопатници во возилата и двајца пешаци. На скопските улици се случиле и две несреќи со последица тешка телесна повреда.

Едната сообраќајка се случила во 13 часот на улицата „Борис Трајковски“ помеѓу патничко моторно возило „Ауди“ и пешак, кој заработил тешки повреди. Втората незгода се случила во 18:50 часот, на крстосницата на улицата „Борис Трајковски“ и улицата „Ефтим Сопранов“ , кога се судриле два автомобили. Тешки повреди заработил еден од патниците.

Сообраќајната полиција казнила 7 возачи кои поминале на црвено светло на крстосниците, 13 возачи кои ги паркирале своите возила во зона на крстосница и го попречувале нормалното одвивање на сообраќајот, тројца возачи кои непрописно се престроиле на крстосница, 10 возачи кои не користеле сигурносен појас. Казнети биле и седум возачи кои додека возеле, користеле мобилен телефон.

Со специјалното возило „пајак“ беа отстранети 82 возила кои го попречувале нормалното одвивање на сообраќајот.

Во рамки на сообраќајно воспитните акции денеска Отсекот за превенција при Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе реализира едукативни работилници во ОУ „Никола Вапцаров“ кое се наоѓа на територијата на општина Чаир.

 

За денеска нема најавено вонредни настани со што се очекува сообраќајот да се одвива тековно и според постоечката сообраќајна регулатива.

04.03.2014 - 09:11

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега