Почина писателот Србо Ивановски

Во 86-та година од животот вчера во Скопје по подолго боледување почина Србо Ивановски, еден од најзначајните претставници на генерацијата повоени македонски писатели.

Како што стои во соопштението на Друштвото на писателите на Македонија, во развојните процеси на македонската литература тој остави длабоки траги како поет, раскажувач, романсиер, драмски автор и писател за деца. Беше член на Друштвото на писателите на Македонија од 1949 година. Еден мандат беше претседател на ДПМ. 

Ивановски е роден во 1928 година во Штип. Дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје. Работел како уредник во Телевизија Скопје.  Автор е на обемен и разновиден опус во кој, меѓу другите, се вбројуваат книгите: „Лирика", „Желби и меѓи", „Средби и разделби", „Бели крикови", „Маѓепсан патник", „Пена од планината", „Близу до животот близу до смртта", „Жена на прозорецот", „Осамени", „Мартин Нуната", „Леонида трча окрвавен", „Кога тетин Клименте шеташе над градот", „Додека го чекавме Андреја", „Балада за исчезнатите", „Неподобниот", „Ангелот и лудите свеќиња”. Добитник е на книжевните награди „Кочо Рацин", „13 Ноември", „Стале Попов" и „Книжевно жезло”. Српското издание на неговата книга песни „Маѓепсан патник" во 1976 година ја доби наградата „Бранко Миљковиќ".

Тој ќе биде погребан утре во 12 часот на гробиштата во Бутел.

13.03.2014 - 11:20

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа