"Дајте пари и ништо нема да се дознае" - вработени во Македонски Шуми примиле поткуп

Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје до скопското ОЈО со кривична пријава ќе ги предаде 50-годишниот Н.Д и 51-годишниот И.К. од Скопје, вработени во ЈП „Македонски шуми“ заради „примање поткуп“.

Како што соопшти МВР, на 15 март откако двајца браќа влегле со натоварени нежигосани дрва на коњи во нивниот двор во селото Пагаруша, биле забележани од страна на пријавените Н.Д. и И.К - вработени во Македонски шуми, Подружница Шумско стопанство „Караџица“ како шумари и во својство на службени лица за да не им напишат пријава и да им ги земат дрвата, побарале од браќата да им дадат 100 евра, односно на секој по 50 евра. Но, оштетените им кажале дека моментално немаат и дека за нив тоа се многу пари. По ова првопријавениот во повеќе наврати телефонски му се заканувал на едниот брат дека ако не им ги даде парите, од нивна страна ќе му биде пишана соодветна пријава.Откако пријавените и понатаму му барале поткуп на оштетениот, тој случајот го пријавил во СВР Скопје-ЕЕКК, при што се преземени мерки и со потврда од пријавителот се одземени две банкноти од по 50 евра, кои технички се обработени и со потврда му се вратени, а завчера од Основен суд Скопје се обезбедени и наредби за претрес над пријавените лица.  

Завчера, откако првопријавениот телефонски побарал од оштетениот да се сретнат во Драчево за да му ги даде парите, се договориле истиот ден двајцата пријавени да се најдат со него. Откако им биле дадени бараните пари, од страна на ЕЕКК во содејство со полициски службеници од Единицата АЛФИ по примањето на поткупот, лицата биле лишени од слобода.

Над пријавените е извршен личен претрес во присуство на адвокат, при што кај Н.Д. се пронајдени двете банкноти од по 50 евра, кои со потврда се одземени. Од страна на судија во претходна постапка на И.К. му е одредена мерка притвор во траење од 30 дена, додека на Н.Д. му е одредена мерка домашен притвор во траење од 30 дена.

Двајцата пријавени и се веќе познати на Службата. Во периодот 2008/2011 година против И.К. се поднесени две кривични пријави за сторени кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“ од кои за една во 2009 година му е изречена условна казна затвор, додека против Н.Д. во 2009 година е поднесена кривична пријава за кривичното дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.

18.03.2014 - 13:12

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега