Тачи го „зовре“ СДСМ- што се ќе излезе на виделина до изборите?

После вчерашната “бомба“ од лидерот на ДПА, Мендух Тачи, состојбите во таборот на опозицискиот СДСМ се доведени до точка на вриење. Мнозинството членови стануваат свесни дека додека мрзнеле по раскрсници за време на таканаречениот “отпор“, нивниот тогашен потпретседател, а сега претседател Зоран Заев, зад јавната сцена го поткопувал бојкотот на локалните избори и се подготвувал да го превземе кормилото во партијата. Во кроењето на пратеничките листи почнуваат да се наsираат концесиите кои Зоран Заев и Радмила Шеќеринска сега мораат да ги направат, за да се реваншираат за нечија соработка од периодот после 24 декември и инцидентите во Собранието.

Имено, извори од СДСМ тврдат дека се до вчера не им било јасно зошто претседателот на ЛП, Ивон Величковски, мора да биде кандидат за пратеник, иако на локалните избори беше заедно со Стевчо Јакимовски, кој пак несомнено во опозициските кругови важи за едно од најголемите кадровски промашувања на Бранко Црвенковски и предавник на каузата за насилно рушење на власта, и тоа во клучен момент. Особено што Величковски солираше во Парламентот и по доаѓањето на Заев на чело на СДСМ. На пример не се согласи со ставот да се бојкотира изборот на нови членови во Комисијата за лустрација и за новиот состав ја кандидираше сопартијката Ристана Лалчевска. Меѓутоа, со просто сврзување на одредени настани станува јасно дека Ивон Величковски мора да се задоволи, за да случајно не прозбори јавно, како вчера Тачи, дека сега актуелното раководство на СДСМ,  тогаш за време на “отпорот“,  договарало резервна варијанта со печатот на својата партија евентуално Зоран Заев да биде кандидиран за градоначалник во Струмица, тврдат нашите извори.

Затоа, воопшто не е случајно што пратеникот од Велес, Марјанчо Николов, е најголем фаворит да биде носител на кандидатската листа на СДСМ во Изборната единица 3, што секако треба да претставува награда за неговата лојалност. Тој во неколку наврати свесно одбивал да претседава со собраниската Комисија за финансирање и буџет пред настаните на 24 декември и затоа таа обврска морал да ја превземе пратеникот на НСДП, Горан Мисовски.  

Состојбите во СДСМ дополнително се комплицираат со инсистирањето на Зоран Заев поголем дел од раководството да не се најдат на кандидатските листи за пратеници за да се покажело пред членството и симпатизерите дека победата е сигурна, за што се изработувале и анкети кои требале да покажат дека опозицијата веќе има предност во однос на власта. Високи партиски извори потврдуваат дека на ваквата идеја противници се секретарот Оливер Спасовски и потпретседателите Дамјан Манчевски,  Александар Кирацовски и Фросина Ременски, кои заедно со Софија Куновска, сакаат по секоја цена да станат пратеници. Од друга страна пак, Радмила Шекеринска сега ја гледа својата шанса да расчисти со поголемиот број на актуелни пратеници кои ќе се обиде да ги претстави како непопуларни, за да инсталира пратеничка група која треба да и биде лојална.  СДСМ не ги учи лекциите од минатото, наместо да се бори за глас повеќе се уште е заглавена во дворските игри и подместувања.  

21.03.2014 - 17:04

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега