Мојсовски: Ќе покажеме дека сме тврд орев и за Кил

Ракометарите на Металург во пресрет на мечот со германскиот тим Кил, кој важи за фаворит, воопшто не се исплашија, дури напротив велат дека големото ракометно име на противникот ќе биде само мотив повеќе за успех во овој двомеч. 

Ракометарите на Металирг за официјалната интернет страна на клубот го дадоа своето мислење и прогноза за попладневната ждрепка. Сите знаат дека Кил е фаворит но и дека нема туку така лесно да се предадат од пласманот на фајнл-фор турнирот. 

Наумче Мојсовски, капитен на Металург: Исклучително тежок противник против кого секоја победа е голем успех. Нема да се предадеме, а во многу наврати покажавме дека сме “тврд орев“ за секого. Гледајте од поведрата страна, што би посакале повеќе од можноста за Велигден во Скопје да гостува Кил ?.

Ренато Вугринец: Па, нека дојде и Кил, нека ја осети и тој атмосферата во Скопје. Добро, тие се големи фаворити, кандидати за освојување на лигата, суператрактивен противник. Овој двомеч дефинитивно е “шлаг на тортата“ за сите фанови на Металург и на македонскиот ракомет.

Дарко Станиќ: Бидејки се работи за коло пред фајналфорот, лесни противници немаше и не можеше да има. Мојата филозофија е: ако влеземе во фајналфорот – тоа да го сториме во голем стил, а токму дуелот со екипа од калибарот на Кил е најдобриот можен начин. Во Скопје паднаа многу екипи, па, зошто тоа да не му се случи и на Кил. Германците се изразити фаворити, но засега само на хартија. Во Скопје очекувам спектакл, па нека биде што ќе биде.

Ванчо Димовски: Многу тежок противник, кој негува скандинавски стил на игра, а видовме дека тој ни одговара. За квалитетот на противникот никој не може да спори, иако со заминувањето на Омејер, Кил не е тој од порано. Било каква победа над таква екипа ќе биде круна на уште една успешна евросезона.

Аце Јоновски: Го посакував, сакам да ги мерам силите со најдобрите, бидејки токму против таквите играме најдобро. Тие се фаворити, но и ние не сме без шанси. Се работи за исклучително шутерска екипа во која се Виран, Јиха и др.

Филип Миркуловски: Во Скопје падна Барселона, падна Пари Сен Жермен, па зошто да не падне и Кил ?. Наше е да го искористиме нашиот терен, пред нашата публика, а за реваншот ќе мислиме потоа.

Дејан Манасков: Ни доаѓа најдобрата европска екипа во последните десетина години. Очекувам спектакл во Скопје и тврдам дека со нив ќе можеме да играме. Ние сме Металург, а тоа нешто значи.

Превземено од rkmetalurg.mk

01.04.2014 - 15:30

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега