Во недела Македонија избира Претседател по петти пат

Пензија чиј износ е еднаков со износот на платата што ја прима претседателот на Република Македонија добива претседателот на кого му престанала функцијата. Истовремено, тој има право на канцелариски простор и најмногу до три стручни лица. Има тројца соработници кои ќе се плаќаат од државниот буџет, а за своите активности ќе има на располагање средства во висина од 8% од буџетот на актуелниот претседател. Законски, тој има право на лично обезбедување, службено возило и возач

Граѓаните на Република Македонија в недела, 13 април, по петти пат на непосредни избори ќе избираат шеф на државата. Досега се одржани четири избори за претседател на Република Македонија: во 1994, 1999, 2004 и во 2009 година.

Првиот претседател на Република Македонија не беше избран на непосредни избори, туку од Собранието на 27 јануари 1991 година, во согласност со тогашните уставни решенија. Со воведување на повеќепартискиот систем во Македонија започнаа меѓупартиските консултации за предлагање личност за кандидат за претседател на Република Македонија.

Новиот претседател кој ќе ја добие довербата од граѓаните на претстојните избори должноста треба да ја преземе по 12 мај, кога, според Уставот, му истекува петгодишниот претседателски мандат на досегашниот претседател. Четворицата кандидати за нов шеф на државата изборната кампања ја почнаа на 24 март 2014 година. За претседател ќе биде избран кандидатот кој на 13 април ќе освои мнозинство гласови од вкупниот број евидентирани избирачи. Ако никој не го добие потребното мнозинство, по 14 дена ќе се организира втор круг во кој одат двајцата кандидати кои добиле најмногу гласови. Ќе победи тој што ќе освои повеќе гласови под услов на гласање да излезат најмалку 40 проценти од вкупното избирачко тело. Доколку во вториот круг никој од кандидатите не го добие потребното мнозинство, се повторува целата постапка.
Претседателот ја претставува државата и е врховен командант на вооружените сили. Ужива имунитет, а неговата должност е неспоива со вршење на друга јавна функција, професија или функција во политичка партија.

Тој го определува мандаторот за состав на Владата на Република Македонија, ги поставува и ги отповикува со указ амбасадорите и пратениците во странство, ги прима акредитивните писма на странските дипломатски претставници.

Шефот на државата предлага двајца судии на Уставниот суд, двајца членови на Републичкиот судски совет и гувернерот на Народната банка. Именува тројца членови на Советот за безбедност, како и директорот на Агенцијата за разузнавање.

Претседателот ги потпишува указите за прогласување на законите што ги донесува Собранието. Во името на Република Македонија одлучува за водење преговори и склучување меѓународни договори.

Шефот на државата прогласува воена состојба или вонредна состојба ако Собранието не е во можност да се состане и да донесе таква одлука со двотретинско мнозинство. За време на воена состојба, ако Собранието не може да се состане, претседателот може да ја именува и да ја разрешува Владата и да именува и да разрешува функционери чиј избор е во надлежност на Парламентот.

Претседателот може да предложи промена на Уставот, дава помилување на поименично определени лица за кривични дела предвидени со закон. Ги доделува и ги врачува одликувањата и признанијата на Република Македонија.
Претседателот на државата го известува Собранието за прашања од неговата надлежност најмалку еднаш годишно.

Пензија чиј износ е еднаков со износот на платата што ја прима претседателот на Република Македонија добива претседателот на кого му престанала функцијата. Истовремено, тој има право на канцелариски простор и најмногу до три стручни лица.

Има тројца соработници кои ќе се плаќаат од државниот буџет, а за своите активности ќе има на располагање средства во висина од 8% од буџетот на актуелниот претседател. Законски, тој има право на лично обезбедување, службено возило и возач.

11.04.2014 - 23:11

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега