Царината се справила со огромни измами - еве што им поминало низ раце на македонските цариници

Постапувајќи по констатираните неправилности, Царинската управа на Република Македонија во април 2013 година до надлежните јавни обвинителства  поднесе 9 кривични пријави  против 2 правни и 12 физички лица.

Кривичните пријави се поднесени поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, „Изнесување, односно извезување во странство на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости“, „Царинска измама“, „Криумчарење“ и „Фалсификување исправа и поднесување лажни докази“.

Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори

*Кривична пријава е поднесена против двајца албански државјани, кои како патници во изнајмено возило со албански регистарски таблички, се обиделе да изнесат околу 13 килограми марихуана на граничниот премин Табановце автопат.

При контрола на возилото, во резервната гума поставена на петтата врата, под држачот на резервната гума, во внатрешноста на задните врати и во петтата врата, како и во внатрешниот дел на багажниот простор пронајдени се вкупно 27 паковки облепени со леплива лента, наполнети со марихуана, со вкупна нето тежина од 12,96 килограми.  
Пријавените имале намера марихуаната да ја превезат од Албанија до Унгарија, преку Косово и Србија, но бидејќи на косовско-српската граница не им бил дозволен влез во Србија, го продолжиле патувањето преку Македонија. 

*Кривична пријава е поднесена против две лица, македонски и израелски државјанин заради обид за криумчарење на 2,95 килограми марихуана.
На граничниот премин Свети Наум, при контрола на патните торби на првопријавениот, кој како патник во такси возило со албански регисттарски таблички се пријавил за влез во Македонија, пронајдени се три најлонски кеси марихуана, со тежина од околу 3 килограми, обвиткани со маици и сместени помеѓу личните работи.

Во Охрид е лоциран второпријавениот, сопственик на дрогата и организатор на транспортот.

Според изјавите на пријавените, дрогата ја набавиле во Џирокастро-Албанија, ја сокриле во грмушки во близина на албанско-македонската  граница, преминувајќи ја границата пешки. Три дена подоцна, првопријавениот се вратил во Албанија, ја сокрил дрогата во ранци што му ги дал второпријавениот  кој со такси возило се упатил кон Македонија. Планот бил дрогата да ја сместат во Велес, во семејната куќа на првопријавениот, а оттаму двајцата да ја пренесат до Берлин.

Изнесување, односно извезување во странство на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости

*Кривична пријава е поднесена против американски државјанин кој се обидел нелегално да изнесе од државата 48 монети кои претставуваат споменик на културата на Република Македонија.

При личен претрес на пријавениот, кој како возач на патничко возило со бугарски регистарски ознаки се пријавил за излез од Република Македонија на граничниот премин Делчево кај него се пронајдени 48 стари монети. По извршена стручна идентификација од страна на Музејот на Македонија, констатирано е дека 40 монети датираат од 2 век п.н.е., додека останатите 8 се од периодот од 17 век до 1930 година.

Според изјавата на пријавениот монетите ги набавил од негов пријател, македонски државјанин од Штип, за кој знаел дека поседува и продава стари монети.

Царинска измама

*Кривична пријава е поднесена против правно лице од Гостивар и неговото одговорно лице - македонски државјанин затоа што избегнале плаќање царински давачки во износ од над 3 милиони денари.
Во текот на  2003 година, со 8 царински декларации, пријавените увозно оцариниле  разна стока со потекло од Турција, за што биле приложени фактури со вкупен износ од 29.343,12 евра, со вклучени превозни трошоци до Република Македонија. Врз основа на основани сомневања за веродостојноста на приложените фактури, истите се испратени на дополнителна проверка кај царинската администрација на Турција, од каде е добиен одговор дека оригиналните фактури на турскиот извозник значително се разликуваат од приложените во увозната постапка во Македонија, како во поглед на цените на стоките така и во поглед на транспортните трошоци за превозот на стоката, кои не биле вклучени во вредноста во реалните фактури.

Вкупната вредност на оригиналните фактури  изнесува 79.645,45 американски долари и 75.112,85 евра, без транспортни трошоци, врз основа на што биле пресметани избегнати давачки во износ од 3.277.258,00 денари.

*Кривична пријава е поднесена против правно лице од Гевгелија и неговите одговорни лица - двајца македонски државјани, затоа што избегнале плаќање царински давачки во износ од над 920 илјади денари.
Во текот на  2010 и 2011 година, со пет царински декларации, пријавените увозно оцариниле машини и репроматеријали, при што не ја пријавиле вкупната вредност на стоката, односно дел од фактурите, со кои биле фактурирани пробни материјали за калибрирање на машините и манипулативни трошоци во странство, не ги приложле при увоз. Непријавените фактури со износ од 64.546 евра, 737.78 американски долари и 35.262 денар се пронајдени за време на дополнителна контрола во сметководството на правното лице.

Врз основа на новоутврдена фактичка состојба, пресметани се избегнати царински давачки во вкупен износ од 922.340 денари.

Криумчарење

*Кривичната пријава е поднесена против српски државјанин кој управувајќи патничко моторно возило со српски регистарски ознаки, пријавено за влез во Република Македонија, на граничниот премин Богородица, се обидел нелегално да пренесе над 4 килограми сребрен накит (прстени, синџирчиња, приврзоци, обетки, нараквици и алки).

При детална контрола на возилото, на разни места во возилото, но и кај самиот осомничен пронајдени се 4210 грама сребрен накит. Според фактурата пронајдена во чантата на пријавениот вредноста на накитот изнесува 336 илјади денари.

Фалсификување исправа и поднесување лажни докази

Поради сомневање дека сториле кривични дела-фалсификување исправа и поднесување лажни докази, Царинската управа поднесе три кривични пријави против тројца македонски државјани, кои при увозно царинење на употребувани патнички моторни возила употребиле лажни докази за потекло, со цел да им биде одобрен преференцијален третман, односно увозно царинење со царинска стапка 0%.

*Во првиот (2010 год.) и вториот случај (2012 год.) на царинската испостава Штип, при увозно царинење на по едно употребувано патничко моторно возило, пријавените приложиле фактури со изјава за потекло потпишани од странските продавачи. Поради сомневање во поглед на веродостојноста на приложената документација и автентичноста на изјавата за потекло, побарана е верификација на истите од царинските администрации на Бугарија и Холандија. Во првиот случај, од царинската администрација на Бугарија е добиен одговор дека извозникот ја издал фактурата, но без изјава за потекло, а во вториот случај, царинската администрација на Холандија информираше дека предметната фактура воопшто не е издадена од извозникот, т.е истата е фалсификат.

* Во третиот случај (2012 год) на царинската испостава Скопје 1, при увозно царинење употребувано патничко моторно возило, пријавениот приложил купопродажен договор на кој била наведена изјава за потекло потпишана од странскиот продавач. Поради сомневање во поглед на веродостојноста на приложената документација и автентичноста на изјавата за потекло во договорот, побарана е верификација на документите од германската царинск служба, од каде бил добиен одговор дека купопродажниот договор не е издаден од извозникот и истиот е фалсификат.

(Интегрален текст од соопштение на Царинската управа на Македонија)