Исчезна Радмила Шеќеринска

Заменик претседателот на СДСМ, Радмила Шекеринска избега од одговорноста за поразот во првиот круг од претседателските избори, во кој според првичните резултати од ДИК, актуелниот шеф на државата Ѓорге Иванов убедливо го победи кандидатот на СДСМ, Стево Пендаровски со над 120.000 гласа разлика.

На синоќешната прес конференција во седиштето на СДСМ на Бихаќка се појавија лидерот на партијата Зоран Заев и претседателскиот кандидат Стево Пендаровски, додека Радмила Шекеринска никаде ја немаше да поднесе одговорност за катастрофалниот пораз на нејзината партија.

Иако Шекеринска секогаш е со Зоран Заев и го придружува како негова заменичка, сепак кога дојде убедлив пораз, таа го остави сам да излезе со Пендаровски и сам да ја преземе одговорноста за изборните резултати, кои се катастрофални за најголемата опозициска партија во пресрет на предвремените парламентарни избори на 27-ми април.

Шекеринска не собра храброст да излезе и да се обрати, додека Заев во краткото обраќање рече дека не очекувале вакви резултати и дека “ова не е волја на народот“. За разлика од Шекеринска, Заев и Пендаровски излегоа пред јавноста, иако никој од нив немаше храброст и доблест да му ја честита убедливата победа на Иванов во првиот изборен круг, туку искажаа многу гнев, ароганција и дрскост.

Наспроти обвинувањата на Заев дека власта ја спречила волјата на граѓаните, лидерот на СДСМ уште синоќа беше директно демантиран од претседателот на ДИК Никола Рилкоски, кој е нивни кадар, дека изборите биле мирни со само еден регистриран инцидент. ДИК утрово соопшти дека кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Ѓорге Иванов победи на првиот круг од претседателските избори со добиени 448.303 гласови (51,65%), втор е кандидатот на СДСМ Стево Пендаровски со 326.069 гласови (37,57%)

Шеќеринска и денеска ја нема никаде. Иако важи за политичар активен на социјалните мрежи, ниту таму од неа цел ден нема никаков траг.

14.04.2014 - 23:51

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега