Груевски: Концесиите за минерални суровини ќе донесат нови работни места и инвестиции

Денеска во македонската Влада беа доделени 71 концесија за геолошки истражувања и за експлоатација на минерални суровини.

Меѓу компаниите кои добија концесии има домашни фирми, но и компании од Турција, Бугарија, Канада и Велика Британија.

Концесиите ги додели премиерот Никола Груевски, кој рече дека бројот на понудени концесии јасно говори за намерата на Владата да му се даде импулс и сериозно да се раздвижи овој сегмент од економијата.

- Истражувањето и експлоатацијата на минералните суровини претставува поле на кое Владата на Република Македонија во изминатиот период посвети особено внимание и низа активности. Нашата посветеност во овој сегмент пред се се должи на нашата оценка дека минералните ресурси во Македонија се уште не се доволно искористен природен ресурс кој доколку се искористи на вистински начин може активно да придонесе за забрзување на развојот на македонската економија, истакна Груевски.

Според него, доделувањето на концесиите ќе значи голема придобивка за државата и за граѓаните.

-  Тие ќе значат отворање на нови работни места, инвестирање на домашниот капитал, но и влез на странски инвестиции, раздвижување на малите бизниси ангажирани како изведувачи, но и како подизведувачи на работите на терен, индиректна поддршка на фирмите кои преку разни услуги ќе работат со фирмите концесионери, развој на транспортот и градежништвото, развој и ангажман на науката која се занимава со ова научно поле, како и дополнителен приход за самите компании, но и директен приход на средства од концесиите во буџетот на државата и во буџетот на општините, нагласи Груевски.

Тој посочи дека дел од овие ефекти веќе се почувствувани во изминатиот период како резултат на владините мерки за развој на бизнисот со минерални суровини, односно оти е зголемено вработувањето во оваа гранка и приливот на средства во општините и државата по однос на надомест за концесија.

- Овие пари понатаму ќе бидат употребени за нови проекти за граѓаните како на централно така и на локално ниво што укажува на севкупната корист од овој процес, рече Груевски.

Претседателот на Владата најави дека ќе продолжат и во иднина со објавување на нови конкурси за геолошки истражувања и експлоатација на минерални суровини. 

најчитано сега