Полицајци со клоци и тупаници удриле на штипјанец

Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди расчисти и документираше два одвоени случаи против полициски службеници од кои едниот е покарактеристичен и за прв пат годинава имаме регистрирано кривично дело „Мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување“ предвидено и казниво по член 142 став 1 од Кривичниот законик на Република Македонија.

Кривичната пријава за ова дело е поднесена против двајца полициски службеници И.М. (33) и Ѓ.А. (40) од Штип, на служба во Полициска станица од општа надлежност Штип.

Имено, на 28.01.2014 година околу 01,00 часот во ПС Штип, од страна на граѓанин телефонски е пријавено дека во трафиката ДООЕЛ „Лајф-Пром“, над вработената е извршено кривично дело „Разбојништво во обид", од страна на непознато маскирано машко лице со употреба на дрвена рачка од алат, при што разбојникот и нанел повреди во пределот на главата. Откако оштетената почнала да вика за помош, сторителот кој барал пари од истата, се откажал од намерата и излегол од трафиката, земајќи ја дрвената рачка со себе.

Веднаш по добиеното известување, од страна на полициски службеници е излезено на местото на настанот, по што оштетената заради здобиените повреди во пределот на главата е пренесена во ЈЗУ„Панче Карагозов" во Штип, додека oд страна на увидна екипа извршен е увид и преглед на местото на настанот како и на  пошироката околина.

На ул.Иво Лола Рибар" бил пронајден предметот со кој било извршено кривичното дело. При тоа, според описот добиен од оштетената како можен сторител е осомничено лице од Штип. По ова, преземени се мерки за негово пронаоѓање и истиот од страна на двајца полициски службеници е пронајден во клубот „Сенатор“. Двајцата го изнеле пред објектот, по што го информирале сменоводителот дека одговара на описот на сторителот, но по извршени проверки во клубот добиле информации кои укажуваат дека наведеното лице не е сторител на кривичното дело за што телефонски, повторно го известиле сменоводителот кој наредил лицето да не се приведува до следни инструкции.

Во меѓувреме пристигнале и двајцата пријавени полициски службеници И.М. и Ѓ.А. и откако се легитимирале, го турнале на земја и употребиле физичка сила, односно почнале да го удираат со клоци и тупаници во пределот на телото и главата. Наскоро, со службено комбе пристиглале уште двајца униформирани полициски службеници кои го забележале лицето кое било видно под дејство на алкохол со повреди, расекотини на десната рака, како го омаловажувал првопријавениот полициски службеник И.М.

По консултации со сменоводителот, одлучено е тој да биде спроведен во ПС Штип, а откако го внеле во полициското комбе, при вршење на преглед, првопријавениот полициски службеник, повторно физички го нападнал со тупаници во пределот на телото. По приведувањето, кај оштетениот се забележани видливи повреди, по што е повикана и Итна медицинска помош, а од страна на лекар се констатирани телесни повреди.

Од страна на Секторот за внатрешна контрола, по извршените проверки како и од  разговорите со вработените, е утврдено дека постои основано сомнение дека полициските службеници, во наведениот случај неосновано употребиле физичка сила поради што против истите е поднесена кривична пријава за сторено кривично дело „Мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување“.
Покрај кривичната пријава, Секторот за внатрешна контрола изрече задолжителна мерка до Началникот на СВР-Штип, против полициските службеници, да поднесе предлог за утврдување на дисциплинска одговорност пред надлежната Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност.

Во вториот случај, Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди поднесе кривична пријава против тројца полициски службеници, С.С. (34), И.С. (36) и Д.Г. (46) вработени во ПС за ГК Деве Баир при РЦ за ГР Исток, поради постоење на основано сомнение дека во текот на 2013 и 2014 година со пропуштање на должен надзор и не вршење на целосни проверки, овозможиле на бугарска државјанка, која го искористила и пречекорила дозволениот престој во Р.Mакедонија, непречено да остварува влез и излез од државата со што сториле кривично дело „Несовесно работење во службата“, предвидено и казниво по член 353-в став 1 од Кривичниот законик на Република Македонија.

Имено, од извршените проверки, утврдено е дека во повеќе наврати, согласно првилата и процедурите за постапување биле должни да извршат целосни проверки и на бугарската државјанка, да не и дозволат влез и излез од РМ, односно истата требало да ја задржат и предадат на Секторот за странци за понатамошна постапка. Истите, под изговор дека некогаш заради голема фреквенција на преминот не се во можност да извршат проверки на секој странски државјанин кој повеќе пати евидира во во системот, појаснија дека не се во можност во целост да го проверат престојот, со што го пропуштиле должниот надзор и процедури за постапување.

Покрај наведените проверки, извршени се и консултации со ОЈО при што истите ценат дека постои основано сомнение дека наведените полициски службеници сториле кривично дело  „Несовесно работење во службата“. Покрај кривичната пријава, Секторот за внатрешна контрола изрече задолжителна мерка непосредниот раководител, против полициските службеници да поднесе предлог за утврдување на дисциплинска одговорност пред надлежната Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност.

Инаку, во текот на првите три месеци од годинава, Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди, преземаше мерки за проверка на 399 случаи на посочени пречекорувања на овластувања и злоупотреби на службената положба и овластување на службени лица. Oд 399 случаи за кои се вршени проверки, 315 се предмети кои се постапувани врз основа на добиени претставки од граѓански и правни лица во кои се посочени неправилности извршени од страна на вработени во МВР, a останатите се по добиени известувања, сознанија и друго.

По преземените мерки против 58 службени лица поведена е постапка за утврдување на одговорност за кршење на работниот ред и дисциплина. Против 8 вработени е изречена задолжителна мерка непосредниот раководител да поднесе предлог до Министерот за внатрешни работи за донесување на Решение без водење на посебна постапка пред Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност. Против 48 лица е изречена мерка-укажување. Против 6 вработени е изречена мерка покренување на постапка за надомест на штета-материјална одговорност, а поднесени се и 4 кривични пријави против 5 вработени во МВР за сторени 5 кривични дела, од кои три кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“ и по едно кривично дело „несовесно работење во службата“ и  „фалсификување службена исправа“.

Исто така, Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди изврши и 26 контроли во различни организациски единици во 8-те Сектори за внатрешни работи во врска со почитувањето на член 128 став 3 од Законот за внатрешни работи во кој се утврдува „Забрана за основање, раководење и членување во раководство на политичка партија и истакнување на партиски симболи“. Освен тоа спроведени се контроли и на постапувањето на полициските службеници при обезбедувањето на 12 предизборни митинзи. Во ниедна од извршените контроли поврзани со изборите не е утврдено никакво прекршување на правилата и прописите.

17.04.2014 - 14:07

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега