Пораз рамен на победа за Вардар

Македонскиот првак Вардар загуби на гостувањето од Фленсбург со 24:22 во првиот дуел од четвртфиналето во ракометната Лига на шампиони. Сепак, негативата од два гола со право влева надеж дека македонскиот шампион по реванш натпреварот во Скопје, има реални шанси да се пласира на завршниот Фајнал фор турнир во елитната Лига на шампиони.

Денешниот натпревар започна со силна иницијативата на домашниот тим во воведните 12.минути кога во три наврати водеа со три гола разлика. Потоа на сцена стапи вардаровиот голман Петар Ангелов кој до крајот на првиот дел имаше 8 одбрани. Тоа резултираше и комплетен пресврт, па црвено-црните на одмор заминаа со предност од еден гол 14:13.

Второто полувреме Вардар го започна со гол за прво водство од два гола во 32.минута, а потоа и 34-тата кога црвено-црните водеа со 16:14. И откако нашиот првак не реализира напад за водство од +3, германската екипа направи серија 6:1 во периодот од 34 до 41 минута за водство од +3 за Фленсбург 20:17.

Сепак најлошиот дел на натпреварот за Вардар беше периодот од 45 до 55 минута, кога црвено-црните не успеаја да постигнат ниту еден гол, па германскиот тим стигна и до најголемата предност од 24:20.

Доколку на голот не беше Петар Ангелов кој средбата ја заврши со 17 одбрани, најверојатно негативата ќе беше и поголема, па оттаму и конечните 24:22, влеваат голема надеж дека македонскиот шампион ќе може да ја анулира во реванш натпреварот во Скопје по пет дена.

Покрај Ангелов, одличен настап имаше и Игор Караџиќ кој постигна 9 годови (3/4 од 7.метри), а по четири придодадоа Тимур Дибиров (1/2) и Матијаж Брумен.

Сорен Расмунсен на голот на Фленсбург имаше 10 одбрани (2/3 од 7.метри), а триото најдобри стрелци во германскиот состав го сочинуваа: Андерс Егерт 6 (3/3), Холгер Гландорф 4 и Ласе Сван 3.

Реванш натпревар Вардар и Фленсбург ќе го играат во сабота (26 април) од 17 часот

21.04.2014 - 21:06

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега