Македонската полиција ловеше илегални мигранти - еве ги деталите

Министерството за внатрешни работи во изминативе неколку дена реализираше три случаи на илегална емиграција при што задржани се 15 лица на возраст од 17 до 42 години по потекло од Сомалија, Сирија и Авганистан, информира министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска која денеска го посети Прифатниот центар за странци.

- За овие случаи осомничени се вкупно четири лица, од кои тројца се македонски државјани, а еден е со грчко државјанство. Сите тие ќе бидат покриени со три соодветни кривични пријави, рече Јанкулоска.

Таа додаде дека во 2014 година досега се откриени 24 кривични дела поврзани со делото „криумчарење мигранти“. За овие дела осомничени се 40 лица при што шест дела се однесуваат на организирање на група и поттикнување на извршување на делата „трговија со луѓе и криумчарење мигранти“ и тие се сторени од 14 сторители. Во овие случаи, како што посочи, идентификувани се вкупно 114 мигранти.

Инаку, во моментов во Прифатниот центар згрижени се вкупно 70 лица, од кои 59 машки и 11 од женски пол. Нивната возраст е од девет до 61 година што значи четири од нив се деца. Според земјата на потекло, 28 се од Авганистан, 21 лице е од Сирија, девет од Сомалија, четири се од Алжир, пет се од Еритреја и по едно лице од Конго, Албанија и од Пакистан.

Одговарајќи на новинарско прашање, Јанкулоска посочи дека не би можела да даде генерална оценка за постапката за враќање на овие лица во земјите од каде што влегле, односно во земјите од нивното потекло.

- Во изминатиов период имавме изразени проблеми со реадмисијата во Република Грција бидејќи најголем дел од лицата, би рекла над 99 отсто, доаѓаат преку македонско-грчката граница, но овој момент можам да констатирам дека состојбата е подобрена и постапката оди побрзо, односно за дел од лицата кај кои се пронајдени соодветни документи успеваме да ја завршиме целокупната процедура на реадмисија и да ги вратиме во Република Грција, рече Јанкулоска.

Таа посочи дека сепак соработката со Грција во овој контекст не е на посакуваното ниво и не е на нивото на соработката со останатите земји-соседи. Поради тоа биле покренати повеќе иницијативи. Министерката лично до нејзиниот грчки колега, како и други министри до нивните колеги упатувале барања со конкретни иницијативи за продлабочување на соработката не само во оваа област туку и во сите други области од општественото живеење.

- За жал, дали заради некои нивни други приоритети со кои биле окупирани во дадени моменти или заради некои други причини, не наидовме на разбирање и отвореност за соработка каква што посакуваме или барем за соработка каква што имаме со другите соседи, истакна Јанкулоска.

Таа потенцира дека проблемот со миграциските текови не е изолиран проблем на една држава посебно ако се земе предвид географската положба на РМ и генерално на земјите од Балканот. Природниот тек на движење на луѓето, на стоката, на трговијата е токму таа рута која преминува преку Балканот и голем дел од овие лица кои сме ги фатиле на македонско-грчката граница или поминале преку таа граница и стигнале некаде во внатрешноста на територијата на Македонија, а всушност имаат цел и намера да одат понатаму.

- Тоа значи дека нивната крајна дестинација многу ретко е Македонија. Дел од нив понекогаш успеваат и да ја напуштат територијата на Македонија и преку територијата на Србија и други земји да стигнат во западноевропските држави што значи дека проблемот со миграциските текови и нелегална миграција е проблем кој ги засега сите земји и затоа ние инсистираме на продлабочување на соработката и на граничните служби таму каде што имаме заедничка граница со земјите-соседи, но и генерално на службите на безбедносните сили во функција на навремено добивање на информации за нови миграциски текови и соодветна реакција против лицата кои прават кривични дела поврзани со оваа проблематика, појасни Јанкулоска.

22.04.2014 - 12:29

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега