Самсоненко: Комити одржаа лекција по навивање во Германија

Вардар се враќа од Германија со пораз, 22:24, но со оптимизам дека таа разлика е достижна во СЦ „Борис Трајковски“, каде ќе имаат поддршка од речиси 7.000 громогласни навивачи. Ако „грст луѓе“ во Германија на моменти беа погласни од исполнетата „Фленс Арена“, тогаш повеќе од сигурно е дека распродадената сала во „Борис Трајковски“ во Скопје ќе биде многу по темпераментна, со поголема мотивација да му помогне на сопствениот тим.

 

Шансата што ја има Вардар за пласман на Ф4 турнирот е историска за клубот, и ќе се вложат максимални напори таквата прилика да не се испушти.

„Морам да ги пофалам оние 48 луѓе што патуваа со автобус до северот на Германија да дојдат и да не бодрат на тој меч во Фленсбург. Имаа подршка и од други Македонци кои организирано се приклучија, но атмосферата што тие ја направија во салата, им ја сруши навивачката концепција на Германците, кои на моменти беа „надвикани“ од гостинските навивачи. Ниту 6.000 Германци неможеа со нив да се носат. Пред овој дуел, зборуваа дека во Фленсбург е најдобрата публика во Германија, но нашите навивачи, иако во мал број постојано не бодреа, пееја и го одржуваа моралот на тимот, покажувајќи ја љубовта кон својот клуб. Тоа е навистина непроценливо,- вели Сергеј Самсоненко, претседателот на Вардар.

„Црвено-црните“ можеа да се вратат дома и со подобар резултат, можеби реми или победа. Имаше минути кога на тимот на му одеше, и моменти кога се беше како од учебник. Најважно е што играчите во ниту еден момент не потклекнаа на атмосферата, на притисокот. Секогаш се враќаа во игра.

„Не сум задоволен од резултатот, но задоволен сум од борбеноста на екипата. Немавме ден, едноставно многу работи не ни одеа од рака. За среќа го имавме Петар Ангелов кој многупати не спасуваше. Шансите остануваат 50-50 за пласман на фајнал-фор турнирот во Келн. Игравме со Хамбург кој е европски првак, но можам да кажам дека Фленсбург е подобра екипа во моментов. Истовремено играат и погрубо. Ни искинаа седум дреса, што укажува колку се „нежни“, смета Самсонеко.

Двата гола негатива, гледано како бројка се лесно достижни, но ако се анализира целиот меч во Германија, тогаш станува јасно дека и за оваа разлика ќе мора да се одигра квалитетно, најмалку на нивото од Германија, но со подобра реализација.

„Нема никакво опуштање. Морам да се победи, и затоа ќе бидеме максимално сконцентрирани. Ни претстојат доста важни натпревари следниот период, и треба да бидеме целосно мотивирани за она што следува. Доаѓа Фленсбург, па двете средби со Металург, па Купот на Македонија. Мај месец е навистина напорен, - смета Сергеј Самсоненко.

Реваншот со Фленсбург се игра во сабота, со почеток во 17 часот во СЦ „Борис Трајковски“, кој однапред е распродаден.

23.04.2014 - 00:44

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега