Опозицијата се откажа од изборите

Опозициската СДСМ дигна раце од изборите на 4 дена пред нивното спроведување. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев вчера во интервју за 24 вести рече дека нема да поднесе оставка по поразот на 27 април, бидејќи не чувствува одговорност. Тој рече дека на чело на СДСМ бил само десетина месеци, што според него не е доволно време за да може да понесе одговорност за изборен пораз.
Во меѓувреме СДСМ како да крена раце и од промоцијата на својата предизборна програма. Ниту Заев, ниту Шеќеринска веќе никаде не зборуваат за тоа што ќе направат доколку дојдат на власт. На малите собири и средби со граѓани на кои освен партиското членство од локалните организации на СДСМ доаѓаат едвај десетина луѓе лидерскиот двоец на СДСМ зборува за тоа дека државата тоне во криминал, дека нема демократија и дека во недела ВМРО-ДПМНЕ ќе ја фалсификува волјата на народот.
Од изборите како да се откажа и Стево Пендаровски. За него веќе не можете да прочитате дури ни на социјалните мрежи. Ги снема рекламите на Facebook, ја снема интензивната активност на тимот за социјални медиуми на СДСМ. Опозицијата веќе не емитува ниту телевизиски спотови за промоција на својата политика. 
Во меѓувреме, поразот го признаваат и новинарите кои важат за блиски до СДСМ. Уредникот на Слободен печат, Бранко Героски во последната колумна пишува дека поразот на СДМС во недела е извесен и дека Заев треба да ги делегитимира изборите.

„Заев ќе нè убеди дека го заслужува лидерското место и ако в недела одлучно ги делегитимира овие украдени избори. Јас сум сигурен дека тој ќе собере смелост за еден таков, апсолутно легален, политички легитимен и историски неопходен потег
А од понеделник, никој не смее да помисли да поднесе оставка, никој не смее да заподене кавга! Нема да му го правиме ќеифот на Груевски. Нема да види колеж на Бихаќка. Нема да види опозициски пратеници кои му служат за украс, кои нема да ги почитува, ќе ги омаловажува и по потреба - ќе ги тепа.“ - напиша Геровски.

Дека СДСМ подготвува терен кој ќе му обезбеди алиби за извесниот пораз во недела предупреди и премиерот Груевски, но и ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес конференција. Таквата опција не ја отфрли ниту Заев во вчерашното интервју.

23.04.2014 - 21:41

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега