ВМРО-ДПМНЕ: Во очај Заев се здружи со криминалци

Како привршува кампањата така СДСМ е се понервозна и се служи со се пониски и подрски монтажи, фалсификати и манипулации. Знаат дека ќе ги загубат изборите. Во очај и паника се, изјави на прес-конференција Илија Димовски, Директор на Центарот за комуникаци на ВМРО-ДПМНЕ.

Во продолжение следи интегрален текст од прес-конференцијата на Илија Димовски

Во минатите денови со документи и докази го потврдивме фалсификатот кој Заев го презентираше на јавноста од извесен Загорец Тумбовски. Но СДСМ не застана таму и не се извини, туку продолжи.

Замислете, аболицираниот за криминал од на 8 милиони евра Зоран Заев на помош во кампања го повикал осудениот за криминал од Врховен суд Загорец Тумбовски. Ништо друго од СДСМ и не може да се очекува. Нека продолжат така. Граѓаните ќе видат каква партија е СДСМ.

Загорец Тумбовски е осуден за фалсификување документи, за перење пари и за даночно затајување од страна на Врховниот суд во време на ВМРО-ДПМНЕ. Нормално е дека ниту тој ја сака ВМРО-ДПМНЕ, ниту Зоран Заев. Овие двајца би биле најсреќни да не се спроведува законот, да не се бркаат криминалци, за да може и тие двајца да работат како што работеле претходно, а да не одговараат за тоа. Овие луѓе би биле најсреќни ВМРО-ДПМНЕ да не е на власт за тие да си ги продолжат криминогените шеми од минатото.

До каде дојде СДСМ, подолу од дното. Користат изјави на лица во бегство, осудени за криминал. Тоа зборува за очајот и незнаењето. Нема воопшто да се изненадиме ако побараат помош со изјави и од Бајруш, Мадам Пепи, газдарицата на Фиком и слични осудени. Сите тие имаат причина да бидат против ВМРО-ДПМНЕ. Сите тие заедно со Заев би биле среќни да не се спроведуваат законите во Република Македонија.

Се здружиле една дузина осудени, гонети и аболицирани за тешки криминали од повеќе милиони евра и монтираат, фалсификуваат, лажат и бегаат. Тоа нема да помине кај граѓаните. Граѓаните на Македонија знаат кој е чесен, кој работи макотрпно, а кој со лаги и фалсификати се обидува да се приграби до власта.

Заев избега да даде одговор на многу значајни прашања, но ние повторно го прашуваме:

-       Кој го фалсификувал докуметот, тој лично или заедно со осудениот Загорец Тумбовски?

-       Каква соработка имале во минатото Зоран Заев и осудениот Загорец Тумбовски?

-       Дали СДСМ му ветила помилување на Загорец Тумбовски кој е осуден од страна на Врховниот суд на казна затвор од 6 години за фалсификување документи, перење пари и даночно затајување за да ја лаже македонската јавност?

-       Како е возможно човек што претендира да биде премиер да се здружува и да одработува заедно со лица осудени од највиоската судска инстанца, од Врховниот суд?

Има многу прашања на кој Зоран Заев ќе мора да даде одговор. Фрлајќи со кал по другите, не гледа дека сам се попрскува со истат кал. На граѓаните им е доста од монтирани и фалсификувани случаи. Тоа го гледаа додека беше СДСМ на власт, заедно со грабежите низ Македонија. И овој пат граѓаните ќе застанат зад својата држава.

 

 

24.04.2014 - 13:06

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега