Села: Тачи оди си
Конгресот на Демократската партија на Албанците (ДПА) е највисокиот орган каде Мендух Тачи треба да поднесе оставка од функцијата претседател на партијата, рече денеска на прес-конференција градоначалникот на Струга Зијадин Села.
Според него, лидерот на партијата треба да поднесе оставка заради, како што рече, резултатите што ги постигна партијата на претседателските и предвремените парламентарни избори.
- Тоа е правец кој го укажува народот, не само во овој изборен циклус, туку и во претходните неколку избори. Надежта дека еден ден ќе се сменат работите и ние ќе успееме да победиме, веќе не постои. Се гледа дека овој народ гласа само против Тачи, истакна Села.
Тој нагласи дека Мендух Тачи не ги почитувал одлуките на највисоките партиски органи, пред кои, како што додаде, треба да даде и отчет за она што го работи.
- Со која смелост без да ги праша органите на партијата, Тачи донесе одлука да гласа за претседател на државата. Ние заедно, во органите на партијата договоривме дека ќе гласаме само за претседател Албанец. Во Конгресот треба да се дебатира дали ДПА треба да учествува или не во Владата што ја крои ВМРО-ДПМНЕ. ДПА е на политичката сцена веќе 20 години и затоа овие важни одлуки кои удираат по темелите на партијата треба да ги носи Конгресот составен од делегати од сите населени места во кои ДПА има разграноци, рече на денешната прес-конференција струшкиот градоначалник Зијадин Села
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа