Јаболката, јагодите и грозјето меѓу најзагадените со пестициди

Јаболката, јагодите, грозјето, целерот, праските, спанаќот, пиперките, краставиците, шери доматите, компирите, нектарините и грашокот, се најзагадените намирници со пестициди. Ова го покажува најновата листа на американската непрофитна организација „Работна група за животна средина“.

Од анализираните 48 производи, 67 отсто и по миењето содржеле пестициди. Сепак, според EWG, ова не значи дека треба да се исклучат од исхраната зашто бенефитот од нив далеку го надминува ризикот од влијанието на пестицидите.

Како што стои во извештајот на EWG, сите тестирани нектарини и 99 проценти од јаболката биле позитивни на барем една пестицидна резидуа, само еден примерок од грозјето содржело 15 пестициди, додека целерот, шери доматите, раниот грашок и јагодите имале по 13 различни пестициди.

Позитивно во годинашната анализа на EWG е што само еден процент од авокадото има пестициди. На листата „Чисти 15“ само 5,5 отсто содржат два или повеќе пестициди, а ниту еден нема повеќе од четири.

Како што велат ексепртите, за отстранување на пестицидите е доволно намирниците да се измијат со ладна вода. Бесмислено е нивно целодневно потопување во сода бикарбона, раствор со киселина или лимонов сок. Тоа се паушални, лаички совети кои потрошувачите во последно време се почесто ги слушаат.

- Овие „рекла-казала“ рецепти немаат никаква основа зашто ако остатоци од пестициди има, тие може да се отстранат со темелно миење на продуктите со ладна вода, можеби не сосема, но до граници дозволени за употреба, истакнуваат стручњаците.

Генерално, постојат две групи. Едните растението ги апсорбира и по третирањето циркулираат низ неговите сокови, а другите, т.н. контактни, остануваат исклучиво на неговата површина. Првите имаат предност во дождливите периоди зашто се отпорни на плакнење, но се безопасни. До бербата, дури и порано, потполно се неутрализираат и разградуваат. Вторите се користат за последните прскања на овошјето и зеленчукот. Имаат кратка каренца,период од последното прскање до бербата што значи дека за кусо време се разградуваат.

Најновите истражувања на Европската агенција за безбедност на храната спроведени во 27 земји членки на ЕУ, од анализирани 77.000 примероци и 500 различни видови храна, покажуваат дека 1,6 отсто од вкупниот број се пронајдени повеќе од максимално дозволените концентрации пестицидни остатоци. „Најзагадени“ биле житарките, посебно овесот, и зелената салата.

06.05.2014 - 10:25
Фото: 
Денар.мк

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега