Заев го возврати ударот - Црвенковски да не работи во корист на Груевски

Денеска поранешниот претседател на СДСМ Бранко Црвенковски по подолго време се огласи во јавноста и ги искажа своите размислувања за состојбата во СДСМ пред претстојниот конгрес на партијата.

Јас ќе се осврнам само на некои сегменти искажани во неговото интервју:

Легитимно е правото на секој член на СДСМ, како и на поранешниот претседател на партијата на личен став. Меѓутоа, со заземањето страна, во моментов  Бранко Црвенковски и прави контра услуга на партијата пред конгресот во недела.

Членовите на СДСМ преку делегатите на конгресот ќе го искажат  својот став за тоа кој треба да ја добие доверба и да ја води партијата во наредниот преиод.

Јас сум убеден дека мојот и концептот на сегашното раководство на СДСМ  е вистинската стратегија што во скоро време  ќе резултира со рушење на власта на Никола Груевски. Токму затоа сум сигурен дека делегатите на конгресот ќе дадат недвосмислена поддршка на сегашното раководство на партијата.

Стево Пендаровски е човек што исклучително го ценам и почитувам. Не случајно тој беше нашиот предлог за претседател на државата. Стево е човек чие знаење,искуство,лични и морални карактеристики и се неопходно потребни на СДСМ и на Македонија. Токму затоа веднаш по изборите разговарав со Стево и му предложив да биде дел од партиското раководство за заедно, како што ги поминавме изборните искушенија, да ја продолжиме оваа битка до конечен пад на режимот на Никола Груевски.Тогаш Стево се изјасни дека партиски функции не го интересираат, но дека останува на располагање со целиот негов капацитет до реализирање на конечната цел.

Денеска, после објавеното интервју на Црвенковски веднаш го повикав Пендаровски да го прашам дали има промена во неговиот став и дали размислувањата на Црвенковски се темелат на некави сознанија добиени од него. Стево уште еднаш, јасно и недвосмислено ми потврди дека воопшто не размислува за некаков партиски ангажман, а најмалку пак за функцијата претседател на СДСМ. И денеска повтори дека целосно останува заедно со партиското раководство да ја води битката против оваа власт. Ме информираше дека Црвенковски  разговарал со него, но дека и нему му го пренесол истиот овој став  уште во текот на вчерашниот ден. Зошто Црвенковски денеска изјавува дека воопшто не разговарал со Пендаровски,треба да и објасни на македонската јавност. Верувам дека  Стево Пендаровски ваквиот негов став и лично ќе и го соопшти на јавноста.

 

На СДСМ во овој момент не му се потребни никакви доплонителни поделби и разединувања. СДСМ од конгресот на 11-ти Мај мора да излезе единствен, обединет, моќен и решителен да ја порази оваа власт. Добро е што Црвенковски исто така укажува дека, како и секој член на СДСМ, ќе ја почитува одлуката на делегатите на конгресот и ќе повика на неопходното единство за справување со предизвиците што се исправени пред СДСМ. Секое друго сценарио ќе и нанесе директна штета на СДСМ и ќе биде од корист единствено за Никола Груевски и ќе ја продолжи агонија на нашите граѓани под власта на ВМРО ДПМНЕ.

(Интегрален текст од писмена изјава на Зоран Заев, Претседател на СДСМ, за Плусинфо)

Реакцијата на Заев следи по интервјуто на поранешниот лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски кој јавно порачува дека струмичкиот градоначалник не е решение за проблемите во СДСМ.

07.05.2014 - 19:53
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа