Манасков пред дербито минимална предност му дава на Металург

Легендата на македонскиот ракомет и сегашен тренер и координатор во младинските категории на Вардар Пепи Манасков, од денешното дерби Металург - Вардар очекува крајно неизвесен натпревар, на кој минимална предност му дава на Металург, поради домашниот терен.

- На овој решавачки натпревар меѓу двете најквалитетни македонски екипи Вардар и Металург, по кој ќе речиси сигурно ќе биде познат новиот ракометен шампион на Македонија, минимална предност би му дал на тимот од Автокоманда. Сепак, тој игра на домашен терен. Се работи за мала сала каде што притисокот од трибините повеќе се чувствува. Освен тоа, некои од вардаровите играчи никогаш не играле во оваа сала. Сепак, тоа е само теориска предност, што Металург треба да ја материјализира на теренот, истакна Манасков.

Тој смета дека двете екипи во однос на првиот дуел пред шест дена ќе бидат засилени.

- Вардар ќе биде засилен со тоа што Игор Карачиќ ќе биде во добра форма, што не беше случај во првиот меч во „Борис Трајковски“. Мислам дека тој е клучен играч кај Вардар и ќе биде голема предност ако одигра како што знае. Од друга страна, колку што знам, и Металург ќе биде комплетен така што сите предуслови се исполнети да гледаме одлична ракометна претстава, изјави Манасков за клупскиот сајт на Вардар.

Денеска се игра вториот натпревар сезонава од Супер лигата меѓу екипите на Вардар и Металург, на кој ќе биде решен новиот шампион на Македонија. Првиот дуел заврши со победа на македонскиот првак со 25:24.

Почетокот на големото македонско, балканско и европско дерби е во 17 часот и 45 минути. 

08.05.2014 - 14:13
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега