ДОМ бара мораториум за уништување на урбаното зеленило

ДОМ бара целосен мораториоум за уништување на урбаното зеленило до донесувањето на новиот Закон за зеленило.

Со овој закон ќе бидат уредени сите аспекти на заштитата и зачувувањето на градското зеленило, како и стандардите според кои ќе се врши заштитата. Законот ќе ги регулира и условите под кои ќе биде дозволено сечење на градски дрвја.

Како што рече портпаролот на партијата Тони Ристовски според коалицискиот договор со ВМРО-ДПМНЕ, ДОМ очекува законот за зеленило да биде усвоен во првите три месеци од новиот собраниски состав и новата Влада на РМ.

- Дотогаш ДОМ бара воздржување од страна на сите општествени субјекти од уништување на зеленилото во градовите, како еден од најважните фактори за квалитетот на урбаното живеење, истакна Ристовски.

Тој додаде дека ДОМ ги поддржува граѓанските протести против загадувањето на Скопје од Железарница и апелира до надлежните инспекторати да ја зајакнат контролата на квалитетот на воздухот и загадувањето кое доаѓа од Железара, особено во попладневните и ноќните часови, како и во деновите на викендот.

ДОМ очекува итна поправка и редовно одржување на инструментите за мерење на нивото на загадување на воздухот на сите мерни станици, особено на онаа во Гази Баба, зашто се наоѓа на подрачјето директно изложено на загадувањето од Железара.

Зајакнувањето на човечките, техничките и организациски капацитети на инспекторатите за заштита на животната средина во првата година од новата Влада е исто така предмет на коалициски договор помеѓу ДОМ и ВМРО-ДПМНЕ и ова силно ќе инсистираме да биде спроведено.

14.05.2014 - 13:10
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега