Велешани интензивно се подготвуваат за 51. Рацинови средби

Годинашните Рацинови средби ќе бидат во знакот на 75-годишнината од печатењето на рациновата стихозбирка „Бели мугри“. Во кафулињата ќе се делат пораки со љубовна поезија и ЦД-а со најубавата љубовна поезија на Рацин, цела недела пред средбите кои ќе се одржат во јуни годинава.
 
Ова денеска го соопшти Катица Чадиева, одговорна за култура при општина Велес. Појасни дека на централната манифестација ќе и претходи процесија „100 свеќи за Рацин“, своевиден сценско-музички перформанс распореден на клучни локации – симболи за Велес и Рацин - Мало мовче, Саатот, спомениците на Рацин, муралот на Рацин...
 
-  Сценариото за овој настан е на Васил Зафирчев, а во неговата реализација вклучени се многу уметници – актери, музичари, Градскиот црковен хор, Ансамблот „Керамичар“, кајакарите, учениците од Гимназија, група „Соната“ и уште многу други, информира Чадиева. 

Централната манифестација ќе биде во знакот  на  хрватска поетска вечер и врачување на признанијата. Македонските поети ќе имаат две можности да и се претстават на јавноста. Младите поети на 13 јуни  во периодот од 23 до 1 часот заедно со бендот на браќата Иванови од Велес ќе настапат во кафулињата, спроти споменикот на Рацин. Повозрасната поети на 14 јуни ќе засадат дрвца во паркот на Спомен-костурница, а потоа ќе се одржи поетско читање. Вовед во прославата е концертот на групата „Езерки“ и оркестарот „7/8“ на 12 јуни годинава.

Годинашен добитник на Почесното рациново признание за 2014 година е поетесата и издавач од Босна и Херцеговина – Тања Ступар Трифуновиќ.
 
- За наградата Рациновото признание за 2014 веќе има пристигнато 22 наслова од 12 издавачи. Жири-комисијата веќе работи на избор на најдобро дело, односно автор на кого ќе му го додели и годинашното Рациново признание за 2014, информира Чадиева.
14.05.2014 - 20:15
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа