Со промена на власта во Албанија масовно се отпуштаат Македонците!

Со промената на власта во Албанија се вршат и промени во администрацијата, а жртви на ова се нашите Македонци, кои масовно се отпуштаат од работа во администрацијата, тврди градоначалникот на општина Пустец Едмонд Темелко, кој денеска заедно со 30-тина деца е во дводневна посета на општина Штип.

Темелко појасни дека на Македонците кои во моментов се отпуштаат од работа во албанската администрација им излегуваат во пресрет со правење на жалби.

- Правиме жалби до Народниот правобранител и до сите меѓународни институции. Албанија, крајно време e да ја признае Република Македонија под уставното име. Tаков договор да се направи бидејќи само за билатерална соработка Албанија ја нарекува нашата држава Република Македонија, а за меѓународна употреба не ја признава Република Македонија, потенцира Темелко.

Тој истакна дека проблемите со едукацијата на македонските деца во училиштата во Албанија на својот мајчин македонски јазик се уште не се решени иако, како што рече, има договор.

- Во општина Пустец децата место 60 отсто да учат на македонски јазик, наставата на својот мајчин јазик ја следат само од 20 до 25 отсто, појасни Темелко.

Тој информира албанска Влада не печати учебинци на македонски јазик.

- Да не зборуваме за нашите Македончиња кои не живеат во Пустец, туку живеат во останатите македонски делови во Албанија, како што се областа Голо Брдо, каде што има 26 села со етничко чисто македонско потекло, потоа во областа Гора каде што има 9 села македонски, градовите Билишта, Корча, Подградец, Елбасан, Тирана, каде што има значителен број на Македончиња во училиштата. Таму децата Македонци не учат ниту еден час на македонски јазик, рече Темелко.

Тој заедно со околу 30 дечиња од оштина Пустец, Албанија попладнево пристигнаа во Штип во рамки на проектот „Културниот идентитет-симбол на нашиот народ“, а во организација на Здружението „Македонски Егеј“ и на општина Штип.

Градоначалникот Темелко истакна дека посетата на децата е со цел да се запознаат со културата и историјата на градот Штип, но и на нивната матична држава. Во текот на наредните два дена ќе ги посетат тврдината Исар, археолошкиот локалитет „Баргала“ и Музејот на град-Штип.

- Голема благодарност до Здружението „Македонски Егеј“, Владата и на општина Штип за реализацијата на овој проект, бидејќи проблемите, маките на Македонците во Република Албанија се големи. Со такви проекти и на таков начин на соработка, помагање и размена на идеи и размена на посети уште повеќе ќе се запознаеме себе си. Ние ќе се поттикниме за да се бориме за остварување на нашите основни човекови права, бидејќи нашите Македонци се соочуваат со големи тешкотии за изучување на мајчиниот македонски јазик, рече Темелко

16.05.2014 - 18:12
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега