СДСМ се посрамоти

СДСМ посегна по уште еден очајнички обид да ги затскрие погрешни политички потези поднесувајќи тужба до Управниот суд против одлуката на Собранието на Македонија. Експертите за Курир го толкуваат на последниот чекор на СДСМ.

petre-silegov

Управниот суд не може да одлучува за нешто што е во надлежност на Уставниот суд, кој е повисок и единствено надлежен да толкува и одлучува по уставни норми.

Професорката Татјана Каракамишева Јовановска во изјава за Курир вели дека дури и на студентите во прва година на Правен факултет им е познато дека одлуката на Собранието на РМ не може да биде предмет на оценка пред редовен суд, каков што е Управниот суд. Од друга страна, челниците на СДСМ со овој потег, покажаа елементарно непознавање на правото во Македонија.

-Поднесената тужба до Управниот суд против одлуката на Собранието на РМ, за како што велат од оваа партија, „насилното верификување на пратеничките мандати“, го оквалификувам како очајнички обид преку т.н. правна процедура, да се забошотат, да се задскријат серијата погрешни политички потези кои оваа партија ги направи во изминатиов период. Дури и на студентите од прва година на Правен факултет им е познато дека одлуката на Собранието на РМ не може да биде предмет на оценка пред редовен суд, каков што е Управниот суд, со што подносителот на тужбата покажува елементарно непознавање на надлежностите на Управниот суд, таксативно набројани во Законот за судовите на РМ. Погрешна им е адресата на тужбата, поради тоа што Управниот суд нема надлежност да одлучува за ваков вид на акти. Ако СДСМ имаат проблем со законитоста и со уставноста на одлуката на Собранието на РМ, тогаш вистинската адреса каде треба да го упатат своето незадоволство е Уставниот суд на РМ, а не Управниот суд, вели професорката за Курир.

Согласно законските надлежности на Управниот суд, овој суд одлучува за законитоста на поединечни акти донесени во изборната постапка и на поединечни акти за избори, именување и разрешување на носителите на јавни функции,ако е тоа определено со закон. Одлуката на Собранието не потпаѓа во оваа категорија акти, а уште помалку во Изборниот законик, или во друг закон кој се однесува на пратениците е наведено дека Управниот суд треба да одлучува за ваков предмет.

-Оттука, станува јасно дека СДСМ со ваквите тужби и бомбастични најави за наводно спасување на правната држава и на правниот поредок од диктаторската власт е едноставно купување на време, предизвикување на состојби на тензии и притисоци врз сите во РМ кои не ја прифаќаат нивната политичка игра на создавање правен смут во државата и политички пресврт без мнозинската волја на граѓаните, заклучува Каракамишева Јовановска во изјавата за Курир.       

СДСМ, како што најавија, овој чекор го превземаат поради „насилна“ верификација на мандати.

Познато е дека Собранието е надлежно да толкува законски норми и тоа не предвиде никаква пречка за мандатите да не бидат верификувани.

Кандидатите од опозицијата кои добија доверба да станат пратеници, самите го бараа собраниското столче.  Оттука се отвора прашањето, дали луѓето воп СДСМ се свесни дека нивните чекори немаат логика и дека внатрешниот раздор не можат да го смират со тужби на погрешна адреса. Впрочем, самиот партиски портпарол кој вчера на прес-конференција соопшти за тужбата, е правник, адвокат, по професија. Петре Шилегов добро ги познава надлежностите на судовите во Македонија, но во име на партијата одлучи да прави театар, наместо да најде излез за внатрешната криза на Бихаќка.

17.05.2014 - 19:56
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега