ФОТО: Припадниците на македонската Армија извлекоа 350 луѓе во Обреновац

Припадниците на АРМ кои се ангажирани за давање помош во поплавените подрачја во Република Србија, во текот на вчерашниот ден со моторните возила кои ги поседуваат, извршија евакуација на повеќе од 350 лица од подрачјето на градот Обреновац и околните населени места, соопшти Генералшатабот на АРМ.

Персоналот на АРМ кој е распореден во Обреновац денеска ќе биде ангажиран на испумпување на водата во пониските точки на градот со што  ќе се создадат услови за побрзо отстранување на последиците од водената стихија која го зафати овој град и регионот околу него.

Агрегатите на АРМ се употребени за снабдување со електрична енергија на прифатниот центар во Обреновац, полициската станица и други објекти од витално значење во хуманитарната акција. 

Без оглед на исклучително тешките и сложени услови за работа, припадниците на АРМ оставруваат одлична координација и соработка со надлежните органи во Република Србија, а задачите ги извршуваат беспрекорно и професионално. Се очекува и во наредните денови ангажирањето на хуманитарниот контингент на АРМ да продолжи во склад со потребите на властите во Република Србија, се вели во соопштението од ГШ

19.05.2014 - 13:06
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа