И Битола ќе помага за настраданите во поплавите

Таткото на Битола  денеска, заедно со почесните конзули на Србија Силјан Мицевски и на БиХ Билјана Дамјановска-Јанчевска ја соопшти оперативната програма за организирано спроведување на хуманитарната акција за помош на населението во Србија, БиХ и делови од Хрватска кое настрада во катастрофалните поплави.

Како што соопштуваат од Битола, помошта до настраданото население најбрзо и најефикасно ќе стигне доколку организирано се пристапи и се почитуваат препораките на надлежните органи за приоритетите во овој момент.

- Сакаме нашата хуманитарна акција да биде организирана помош за нашите соседи, пријатели. Досега испративме пет шлепери со вода за пиење, постојано комуницираме со кризниот штаб, остварив директен контакт со нашите збратимени градови и воедно апелираме сите заинтересирани граѓани да се вклучат во организираните акции за да помошта пристигне на вистинското место. Знаеме дека оваа акција ќе трае подолго, а Битола ќе ја покаже и потврди својата солидарност и хуманост, посочи Талески.

Почесниот конзул Мицевски нагласи дека неговите ангажмани се координирани со битолскиот градоначалник и другите институции зашто, како што рече, само така може да се избегне дејствување на „слободни стрелци“.

- Во текот на денов испративме уште еден шлепер со детски пелени, млеко, санитетски материјал и се што е потребно за најмладите. Помагаме на сите зашто граѓаните на Битола повеќе пати ја потврдувале својата хуманост кон своите пријатели, семејства кои живеат во соседната држава и се надевам дека ќе ја зголемиме довербата на луѓето во Србија дека не се осамени, рече Мицевски.

Почесниот конзул на Босна и Херцеговина Дамјановска Јанчевска потврди дека конзулатот е во постојана комуникација со Црвениот Крст и со амбасадата на БиХ за обезбедување на потребната помош.

19.05.2014 - 15:10
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега