Натпревар за спасување и извлекување на жртви во тешки сообраќајни несреќи

На паркингот пред спортскиот центар „Борис Трајковски“  денеска се одржа натпревар за спасување и извлекување на жртви во тешки сообраќајни несреќи, во организација на АМСМ и во соработка со Операцијата Флориан, невладина организација од Велика Британија ЗЕЛС, ДЗС, Тојота, Вимпекс, Црвен Крст, РСБСП и противпожарни бригарди во Македонија.

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска во своето обраќање истакна дека само во првите четири месеци од годинава на патиштата низ Македонија се случиле вкупно 1.082 сообраќајни незгоди со потешки последици.

- Во овие незгоди настрадале вкупно 1.630 лица, од кои 1.592 се повредени, додека 38 лица ги загубиле животите. Тоа се над 1.630 семејства кои ќе мора да живеат со помали или поголеми трауми од сообраќајните несреќи за само четири месеци.Тоа се фактите со кои мора да се соочиме. Сообраќајните несреќи денес се еден од водечките фактори за предизвикување на ненадоместливи последици со губењето на човечки животи и страдањата на голем број на повредени, рече Јанкулоска.

Министерката ја нагласи активната соработка на МВР со противпожарните служби, со итната медицинска помош, РСБСП, Дирекцијата за заштита и спасување, ЗЕЛС и Авто-мото сојузот на Република Македонија, придонесуваат во реализација на зацртаните цели од Националната стратегија на Република Македонија за унапредување на безбедноста на сообраќајот на патиштата 2009-2014 година.

- Денешните натпревари како и изведувањето на показни вежби од страна на противпожарната служба имаат две главни цели. Да ја подигнат подготвеноста на противпожарната служба за извлекување на повредени при сообраќајни несреќи, но и да го подигнат нивото на информираноста на јавноста и граѓаните за капацитетите на истата од човечки и материјално-технички аспект. Денес можеме да ја видиме подготвеноста на противпожарната служба, нивната континуирана обука и тренинг, кои се услов за брзо и ефикасно извлекување и спасување на повредени од тешки сообраќајни незгоди, објасни Јанкулоска.

Според неа, подеднакво се важни и целите за проактивно вклучување на Противпожарните служби во едукацијата на населението, а посебно на младата популација со спроведување на кампањи во училиштата за значењето на безбедноста на сообраќајот на патиштата.

- Со едукација на младите за неопходните постапки по случена сообраќајна несреќа и можните опасности од нестручно и несоодветно постапување и со овозможување на  услови за давање волонтерска поддршка на противпожарните единици, можеме значително да придонесеме за намалување на бројот на загинати во сообраќајни несреки и секако за ублажување на последиците од сообраќајните несреќи, истакна Јанкулоска.

Македонија, како што нагласи Јанкулоска, со ваков сериозен пристап и однос на сите институции и организации  ќе има поголема безбедност на патиштата. Таа на пожарникарите им го честита 20 Мај, Денот на пожарникарите и им посака да имаат помалку работа, а доколку ја имаат успешно да ја завршат.

19.05.2014 - 15:41
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега