МВР со детали за вчерашното убиство кое ја зави Македонија во црно

Од обид за кражба на велосипед до убиство. Министерството за внатрешни работи денеска излезе со официјални податоци за вчерашното убиство во скопско Ѓорче Петров кое ја зави Македонија во црно.

Министерката Гордана Јанкулоска истакна дека на убиството му претходел обид за кражба на велосипед од дворот на починатиот Ангел. Нешто по 17 часот лицето кое се обидувало да го украде велосипедот било забележано од страна на жртвата, по што не успеал да го украде. Ангел со татко му со автомобил „Пежо“ тргнале по осомничениот и го забележале на паркингот кај Европската очна болница, по што го паркирале автомобилот и тргнале кон пешачката патека, која се наоѓа пред мостот. 

- Тука започнала вербалната расправија, осомничениот во еден момент извадил остар предмет, најверојатно нож, и го прободел Ангел во пределот на десниот граден кош, по што избегал. Таткото го зел синот и тргнал кон очната болница да побара помош, но Ангел им подлегнал на повредите, истакна министерката Јанкулоска.

-Од дворот подигнат е и велосипедот, кој осомничениот се обидел да го украде, а по неговото приведување во непосредна близина на настанот од него се земени и дополнителни отпечатоци, заклучи Јанкулоска.

Јанкулоска нагласи и дека вчера во Ѓорче Петров кога беше нарушен јавниот ред и мир, оштетени се возила и објекти, а приведени се 18 лица, од кои 5 малолетни, останатите на возраст од 18 до 36 години, на кои им се издадени платни налози.

Министерката апелира граѓаните да останат смирени.

20.05.2014 - 12:43
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега