ДЗС испрати помош во загрозените краеви во Србија и во БиХ

 

Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) по претходна одлука на Владата на Република Македонија за испраќање помош во загрозените краеви на Република Србија и Босна и Херцеговина учествува со свои припадници и материјално технички средства. 

Во Босна и Херцеговина, како што соопшти денеска ДЗС, испратени се 15 припадници од тимовите за спасување од поплави, два гумени чамци, 13 агрегати за струја, 23 пумпи со капацитет од 200-300 литри за минута и две мултифункционални дизел пумпи со капацитет од 3.000 литри во минута. 

Ангажираните лица се сместени и работат на отстранување на опасностите и последиците од поплавите во Брчко. Двете мултифункционални дизел пумпи со капацитет од 3.000 литри во минута, се посочува во соопштението, се ставени во функција и ја испумпуваат водата на четири места кои се поплавени односно работат на испумпување на водата од  патишта, подземни премини и места кои се поплавени и не се проодни за движење на лица и возила.

Двата гумени чамци се ставени во функција, од кои со едниот две лица од ДЗС вршат евакуација и достава на храна и сите потребни продукти, а другиот го користат припадниците од Министерството за внатрешни работи исто така за евакуација и достава на храна и продукти.

Пумпите со помал капацитет на испумпување вода се користат за испумпување од станбени објекти, дворови и на места каде што има помала количина вода.

Секојдневното дејствување, координирање го врши Штабот и тој дава насоки за дејствување на лицата. Соработката помеѓу сите е на високо ниво и сите операции се одвиваат без проблеми. 

20.05.2014 - 16:17
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега