ГРЕКО: Македонија на задоволителен начин ги исполни најголемиот дел од препораките

Групата на земји против корупцијата (ГРЕКО) во најновиот, втор по ред извештај, заклучува дека Република Македонија на задоволителен начин имплементирала десет од тринаесетте препораки, а трите преостанати се делумно имплементирани, јави дописникот на МИА од Стразбур.

Во извештајот се врши евалуација на начинот на кој Македонија ги исполнува препораките во однос на инкриминацијата на корупцијата и финансирањето на политичките партии.

Конкретно, во однос на темата - Инкриминацијата на корупцијата Македонија ги спроведе препораките 1, 2 и 4-7 на задоволителен начин, а по препораката 3 е постапено на задоволителен начин. Во однос на темата – Транспарентност во финансирањето на партиите, препораките 2 и 4 и 6 се задоволително спроведени, а препораките 1, 3 и 5 се спроведени на делумен начин.

Во врска со криминализацијата на кривичните дела на корупција, последните измени на Кривичниот законик од 2012 година и овозможија на Република Македонија да го заокружи реформскиот процес отпочнат во 2011 година, кој се чини во голема мерка ги задоволува барањата на Кривично-правната конвенција за корупција (ЕТС 173) и соодветно постапува по сите препораки на ГРЕКО кои се однесуваат на ова поле, вклучувајќи ги оние поврзани со поткупот на странски службени лица и на домашни/странски арбитри, активното тргување со влијание, поткупот во приватниот сектор, одбраната со делотворно каење и прашањата на јурисдикција.

Што се однесува до транспарентноста во финансирањето на партиите, постигнат е напредок во однос на информирањето на политичките партии за нивните финансиски обврски и транспарентноста на вклученоста на трети страни во предизборните кампањи.

Преземени се исто така и чекори за зголемување на улогата на Државниот завод за ревизија во системот на надзор и санкционирање и зголемување на средствата кои му стојат на располагање за остварување на своите цели и надлежности.

Соработката меѓу Државниот завод за ревизија и другите субјекти кои се вклучени во надзорот над финансирањето на политичките партии се подобри и се започна со развивање на евиденција на санкциите. Оваа евиденција ќе треба да се одржува и засилува, особено со обезбедување дека санкциите може да се изречат и за други незаконити постапувања освен за не-поднесување на финансиски извештаи. Уште повеќе, истрагите и спроведувањето на правилата за политичко финансирање се сеуште тромави и треба понатаму да се преструктурираат за да обезбедат ефикасност.

Извештајот Вториот круг е усвоен на пленарната сесија од 22-26 март 2010 и беше објавен на 30 август 2010, со овластување од Владата на Република Македонија. Евалуацијата на овој извештај по втор пат беше направена на 63-та пленарна сесија  на ГРЕКО одржана во Стразбур, 24-28 март 2014. 

Усвојувањето на Вториот Извештај за усогласеност за Република Македонија – Трет круг го означува крајот на постапката за усогласување од третиот круг на евалуација за Република Македонија.

20.05.2014 - 19:56
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега