Попоски во Ватикан на манифестацијата „Македонија во чест на СВ.Кирил“

Во рамки на манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил", министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски, на 21 мај во Ватикан ќе присуствува на аудиенцијата кај Папата Франциск, како дел од државно - црковната делегација предводена од претседателот Ѓорге Иванов.

Министерот Попоски ќе го придружува претседателот Иванов и на средбата со Државниот секретар на Светата Столица, монсињор Пиетро Паролин, во Апостолската Палата.

Традиционалната манифестација „Македонија во чест на Св. Кирил" годинава ќе биде збогатена со изложбата „Словенски ракописи од Македонија од XIII до XIX век" на НУБ "Св. Климент Охридски од Скопје која ќе се одржи на 22 мај во Ватиканските музеи.

Истиот ден е предвиден пригоден коктел во организација на Министерството за надворешни работи на Република Македонија по повод одбележувањето на 20-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Република Македонија и Светата Столица, а на 23 мај во театарот "Куирино" во Рим уметниците на "Македонска Опера и Балет"ќе ја изведат балетската претстава "14 часа".

Манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил" ќе биде заокружена на 24 мај со Молебен на гробот на Св. Кирил во базиликата „Свети Климент" со кој ќе чиноначалствува митрополитот Европски Г. Пимен.

20.05.2014 - 21:12
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега