МВР: На која страна е СДСМ?

Социјал-демократскиот сојуз на денешната прес конференција, повторно го покажа своето вистинско лице и удри жестоко по државните институции, ставајќи се во поддршка на поединци и групи кои доаѓаа да каменуваат, палат и уништуваат.
СДСМ во ниту еден момент не се стави во одбрана на јавниот ред и мир и не го осуди вандалското однесување на поединци кои немаа намера мирно да протестираат. Напротив цел на нападот на партијата, повторно беа професионалните полициски службеници кои ги ризикуваат своите животи за да не дозволат одреден број хулигани да успеат во своите намери за одмазда и дестабилизирање на состојбата.
Доколку на ваквите настапи на СДСМ се надоврзат информациите лиферувани во медиуми блиски до партијата кои за време на протестите јавуваа за 50 повредени жени и деца или шпекулираа со починати лица, станува јасно која страна ја одбрала опозицијата и зошто нема ниту еден збор осуда за насилничкото однесување.
Грозоморното убиство беше осудено од Министерството за внатрешни работи и во максимално кус рок, експресно расчистено. Според информациите во медиумите, осомничениот и пред неговиот бранител ја потврдил вината и признал дека го убил 18 годишниот Ангел Петковски.
МВР веднаш апелираше граѓаните да не подлегнуваат на провокации и да не дозволат да бидат инволвирани во посериозни инциденти. Благодарение на соодветната полициска интервенција, вчера беа спречени нарушувања на јавниот ред и мир од поголем обем и несакани ескалирања на состојбата и прелевање на инцидентите во соседните општини. Учесниците во неколку помали инциденти и каменувања на полицските службеници беа приведени. Станува збор за вкупно 35 лица, од кои голем дел и од општините Центар, Карпош и Аеродром. Против нив се поднесени пријави по Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, а за оние за кои ќе биде утврдена основа по целосно документирање на делата ќе следуваат и кривични пријави. При преземањето на активностите вкупно девет полициски службеници (седум припадници на ЕБР и двајца на СВР Скопје) се пожалија на некакви повреди кои не се од посериозен карактер, а беа оштетени и осум службени возила.
МВР повторно апелира политичките партии и граѓаните да останат воздржани и да дозволат органите на прогонот непречено да ги завршат сите законски процедури околу докажување на одговорноста на осомничениот. Да не дозволат да бидат манипулирани и вовлечени во посериозни инциденти кои би имале далекусежни последици. Апелираме и медиумите сериозно и професионално да ги извршуваат своите задачи и им стоиме на располагање да ги проверуваат сите дезинформации пред да бидат објавени за да не ја доведуваат во заблуда јавноста.

(Интегрален текст од писмено соопштение на МВР)

21.05.2014 - 15:54
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега