САД се уште размислуваат за проширувањето на НАТО

САД, и покрај повиците во американскиот Конгрес и аналитичките центри да се забрза проширувањето на НАТО, се уште не решиле дали ќе поддржат таква одлука на самитот во Британија, вели Бил Френч, аналитичар во Националната безбедносна мрежа (НБМ).

Според Френч, јави дописникот на МИА, САД се уште не ја донеле новата, поширока платформа на која ќе ги постават своите односи со Русија, во која ќе се реши и каква улога ќе има проширувањето на НАТО.

- Мислам дека гледаме оти во САД се признава одговорноста која НАТО ја презема врз себе на самитот во 2008 година, да го спроведе проширувањето кон земји како Македонија или Грузија. Државниот секретар Џон Кери даде изјави, кои беа релативно воздржани. Значително голем интерес има во американскиот Конгрес, каде се поставуваат прашања за проширување на НАТО, а воедно се носат и резолуции во таа насока, во кои се повикува и САД да сторат се што е можно за да се надмине спорот меѓу Македонија и Грција. Но, клучното прашање е администрацијата да ја донесе својата долгорочна стратегија кон Русија, која денес не е донесена. Потоа, ќе може да се види кое ќе биде местото на проширувањето на НАТО во поголемата стратегија, вели Френч, кој работи на односот меѓу НАТО и Русија за НБМ, аналитичка група блиска до актуелната американска администрација.

Френч, во разговор за МИА, додава дека има мали шанси САД да разработат стратегија за односот кон Русија до самитот во септември.

Покрај Македонија и Црна Гора, кои очекуваат покана за прием во НАТО, напредок на септемврискиот самит во Британија очекуваат и Грузија, Молдавија и Босна, кои сакаат да го почнат процесот МАП, а можни се иницијативи и за прием на неутралните Шведска и Финска во НАТО.

Поддршката засега доаѓа пред се од американскиот Конгрес, каде сенатори и конгресмени се потпишаа или дадоа изјави со кои се бара да се отвори процесот на проширување.

Сенаторот Крис Марфи, претседателот на Поткомитетот за европски прашања на Комитетот за надворешни работи на американскиот Сенат, вчера го повтори повикот за прием на Македонија во НАТО, на средбата со претседателот на Обединетата македонска дијаспора Мето Колоски.

- Сенаторот Марфи оцени дека е позитивно тоа што генералниот секретар на НАТО Расмусен доаѓа во посета на Македонија во пресрет на самитот и истакна дека е важно Македонија да влезе во НАТО што е можно поскоро, изјави Колоски по средбата.

Од друга страна, Мајкл Браун, декан на школата за меѓународни односи на универзитетот Џорџтаун во Вашингтон и критичар на проширувањето на НАТО, вчера на дебата во американскиот Институт за мир, предупреди дека САД ја потрошиле добрата волја која ја имале кај руската јавност во 1990-ите години.

Стејт департментот и Секретаријатот за одбрана на САД повеќе пати излегоа со став дека проширувањето на НАТО кон исток не претставувало провокација за Русија и не е причината за денешната криза во Украина, но професорот Браун останува во групата коментатори кои велат дека токму тоа е причината за заострувањето на односите меѓу истокот и западот.

- Американските и европските лидери веруваа дека нивните намери се бенигни и дека руските лидери исто така бенигно ќе гледаат на проширувањето на НАТО. Лидерите на Алијансата исто така веруваа дека нивните гестови на добра волја кон Русија, како формирањето на Постојаниот заеднички совет НАТО – Русија во 1997 година, ќе го одоброволи Кремљ. Тоа беше несериозно размислување. Како што укажува и поранешниот амбасадор во Русија Џек Метлок, постапките на НАТО, а особено бомбардирањето на Србија во 1999 година без согласност на Советот за безбедност на Обединетите нации, беше поразително за овие односи. Метлок вели дека во 1991 година испитувањата на руското јавно мислење велеа дека 80 проценти од граѓаните имаат позитивен став кон САД. Во 1999 година, ист процент граѓани имаа негативен став кон САД, а следната година Владимир Путин беше избран за претседател, вели Браун.

Според Френч, дополнителен проблем на проширувањето на НАТО е оценката во Вашингтон дека со тоа се намалува единството на Алијансата, што пак може да отвори простор за нови руски притисоци врз НАТО.

- Франција и Германија, а секако и Грција, се многу повоздржани кон проширувањето на НАТО. Американско инсистирање на ова прашање има влијание врз единството на НАТО. Затоа се уште е многу тешко да се предвиди исходот за повиците за проширување на НАТО со прием на Македонија и Црна Гора во септември. Западот веќе имаше низа одговори кон Русија, воведе санкции врз Русија и се закани со секторски санкции. Русија веќе ја гледа цената на своето однесување преку економските последици кои ги трпи. Засега, мислам дека овие економски притисоци повеќе ќе влијаат врз менување на руската политика отколку проширувањето на НАТО на Балканот, заклучува Френч.

МИА

22.05.2014 - 15:42
Фото: 
Денешен
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега