Нема место за паника: Нема опасност од заразни болести од поплавите

Засега нема опасност од заразни болести, предизвикани од поплавите во соседна Србија. Се преземаат сите мерки што стојат на располагање и се препорачливи за вакви моменти. За ова денеска информираше министерот за здравство Никола Тодоров.

Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство на денешниот состанок, како што истакна Тодоров, донела препораки за подобра контрола на граничните премини и повисоко ниво на хигиенски мерки, контрола на сите бензиски станици долж коридорите, како и за упатување писмо за обезбедување што повеќе контејнери долж коридорите и нивно редовно чистење.

- Преземена е мерка да се подели 3,5 тони дезинфенкциски средства на сите јавни здравствени установи во државата, но и на установите кои како резултат на вчерашното невреме беа поплавени. Тоа се три градинки и Детската клиника во Скопје, рече Тодоров.

Според него, било одлучено и да се спроведе засилена вакцинација, односно прочистување на вакциналните картони на вработените во комуналните претпријатија.

- Да видиме дали се вакцинирани, особено за тифус и доколку не се да се продолжи со вакцинација. Ова е една од мерките што ја даде и Сватската здравствена организација за продолжување или непрекинување на постојаната вакцинација и засилена имунизација на населението, појасни Тодоров.

Јованка Костовска, претседател на Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство, рече дека е донесена и препорака за патници кои патуваат во поплавените подрачја, без разлика дали одат приватно или како спасувачи и во хуманитарна помош, да внимаваат на личната хигиена, да консумираат безбедни вода и храна, термички обработена и добро миено овошје и зеленчук со чиста вода и избегнување контакти со заболени или угинати животни.

- При појава на симптоми на болест, повраќање, пролив, болки во стомакот и температура, веднаш да се јават на лекар или во нивните здравствени установи или доколку се вратат во Република Македонија и почувствуваат симптоми, да кажат дека биле во поплавените подрачја, посочи Костовска.

Покрај ентерополитите и хепатитот, од поплавените подрачја, според Костовска, може да се пренесат и вектопреносливи и други заболувања, кои се пренесуваат преку комарци или крлежи.

- Побаравме зголемен надзор и поголема активност од единците на локална самоуправа за преземање мерки за дезинфенција, дезинсекција и дератизација и уништување на глодари. Инспекција ќе прави контроли во општините за да види до каде се со преземените мерки, изјави Костовска.

Претседателот на Комисијата за заразни болести Ѕвонко Миленковиќ истакна дека акцент се става на биолошките агенси, како причинители на можни заразни заболувања.

- Ги зајакнуваме мерките кои се неопходни за ублажување на последиците, рече Миленковиќ. 

26.05.2014 - 13:23
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега