Стопанска комора: Тутунарите да го почитуваат договорот за намалување на производството

Тутунарите да се држат до договореното производство од 26.000 тони за реколтата 2014/2015. Во спротивно, се што е вишок ќе остане неоткупено, порачува Стопанската комора на Македонија.

Како што беше речено денеска на прес-конференција, тутунското производството во земјава не е загрозено, но можни се негативни импликации со оглед на состојбата во соседството, особено Бугарија, Турција и Грција, кои бележат значително зголемен род.

И Македонија годинава оствари рекорден принос на тутун од вкупно 32.000 тони. Имаше 20.000 хектари насад, а беа склучени 43.000 договори за откуп. - Сметаме дека пропорционалното намалување на површините под тутун за 20 проценти што беше договорено во Министерството за земјоделство, ќе се проектира и на терен. Оштетени нема да има зашто сите производители ќе партиципираат во редукцијата зависно од големината на површините, истакна Васко Ристовски од Комората.

Според него, Македонија треба да размислува не само да го врати производството на оптималното ниво, туку и да го зголеми. Во оваа насока се предвидени повеќе активности. Една од нив е претстојната меѓународна манифестација за дегустација на тутун и преработки закажана за почетокот на идниот месец во Охрид.

- Ова ќе биде одлична можност за промоција на нашиот ориентален тутун кој е со врвен квалитет, негова интернационализација, наоѓање нови партнери со цел освојување нови пазари и зголемување на извозот, посочи Ристовски.

Во рамки на манифесатцијата, 23 дегустатори од земјава и странство анонимно ќе ги пробуваат примероците тутун. Ќе се доделуваат награди, а организаторите размислуваат и за воведување избор на најдобар тутунар како вид стимулација на производителите.

Најголеми побарувачи на македонски ориенатлен тутун се Белгија, Бугарија, Германија, САД, а на тутунски производи БиХ и Србија. 

Извозот годинава достигна 26.000 тони тутун од што се реализирани 120 милиони евра, 3.000 тони тутунски производи или 20 милиони евра. 

26.05.2014 - 14:57
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега