Експерти: За проблемот со мандатите нема правно решение - СДСМ може да поднесе оставки

Експертите велат дека СДСМ ќе користи секакви трикови за подолго да остане ваква статус кво ситуација со цел да се оддржува внатрепартиски мир и со фактот дека пратениците ќе си земаат дел од платата.  

Правните експерти и претходно укажуваа дека спорот за мандатите не е во надлежност на Управниот суд. Тие велат дека не само Управниот, туку ни Уставниот суд не може да го реши спорот со мандатите на СДСМ, по што останува решението да се бара низ политички дијалог, велат правни експерти.

Професорот по уставно право Светомир Шкариќ, вели дека за решение е потребен конструктивен политички дијалог. Според него, поради ваквата состојба, секое впуштање во правна процедура е изгубено време.

-Законот за судовите од 2006 година го овластува Управниот суд да решава и за изборни спорови. Но прашање е дали верификувањето на мандатите може да се смета за изборен спор, бидејќи во Уставот има изричита одредба со која се предвидува надлежност на Собранието да врши верификацијата на мандатите. Значи, овде не станува збор за оценка на законитоста, туку на уставноста, а Управниот суд не може да ја оценува уставноста. Но, во овој случај и Уставниот суд ќе има проблем по прашањето дали верификацијата на мандатите е општ или поединечен акт. Според досегашната практика, Уставниот суд на такви одлуки гледа како на поединечен акт и проблемот повторно нема да се реши. Ќе се прогласи за ненадлежен, како што го стори тоа и во 1996 година, кога одби да ја оценува уставноста на заклучокот на Собранието, со кој е отфрлена иницијативата потпишана од над 170.000 граѓани за распишување предвремени парламентарни избори, со образложение дека тоа е поединечен акт", објаснува професорот Шкариќ.

Професорот Саво Климовски вели дека за овој проблем нема правно решение, туку е потребен политички договор.

-Лично, мислам дека кон овој правен проблем треба да се пристапи од политички аспект и треба да се согледаат сите аспекти за да се смири и да се надмине политичката ситуација. Пратениците од СДСМ може да поднесат оставка. Исто така, ако шест месеци не се појават на ниту една седница во Собранието и не ги оправдаат нивните отсуства, тогаш Парламентот има право да предложи отповикување од функцијата, смета Климовски.

Професорката Татјана Каракамишева- Јовановска во изјава за Курир вели дека дури и на студентите во прва година на Правен факултет им е познато дека одлуката на Собранието на РМ не може да биде предмет на оценка пред редовен суд, каков што е Управниот суд. Од друга страна, челниците на СДСМ со овој потег, покажаа елементарно непознавање на правото во Македонија.

-Оттука, станува јасно дека СДСМ со ваквите тужби и бомбастични најави за наводно спасување на правната држава и на правниот поредок од диктаторската власт е едноставно купување на време, предизвикување на состојби на тензии и притисоци врз сите во РМ кои не ја прифаќаат нивната политичка игра на создавање правен смут во државата и политички пресврт без мнозинската волја на граѓаните, вели Каракамишева- Јовановска.

Дека процедурите се јасни и дека Собранието ги верификуваше мандатите согласно уставот, на СДСМ веќе им укажа и екс-претседателот на ДИК, Новаковски, кој беше предложен токму од партијата на Бихаќка.

26.05.2014 - 15:02
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа