Македонија и официјално во Еразмус плус програмата 2014-2020 на ЕУ

Амбасадорот во Мисијата на Република Македонија при Европската унија, Андреј Лепавцов и генералниот директор во Генералниот директорат за образование и култура на Европската Комисија, Јан Трушчински, денеска во Брисел го потпишаа Договорот за учество на Република Македонија  во програмата ЕРАЗМУС ПЛУС 2014-2020.

Како што известува дописникот на МИА од европската престолнина, учество во подготовката и реализацијата на овој процес, имаше и директорот на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Дарко Димитров, кој воедно присуствуваше на чинот на потпишување на Договорот.

Преку имплементацијата на програмата Еразмус плус, предвидено е во Република Македонија да се обезбеди огромна поддршка на образованието, обуката, младите и спортот.

Еразмус плус се очекува да придонесе кон надградба на институционалните капацитети како и личен и професионален развој на сите чинители во полето на образованието обуката, младите и спортот. А, сумата што за една година од оваа програма ќе ја добие нашата држава од ЕУ изнесува околу три милиони евра

Во целост, фондовите кои ќе бидат на располагање од Еразмус Плус ќе бидат наменети за промовирање на мобилноста на студенти, ученици, наставници и друг образовен кадар, млади луѓе во младински размени, младински лидери и волонтери, но и за создавање или подобрување на партнерствата помеѓу институциите и организациите во образованието, обуката и младите и поддршка на дијалогот со цел да се извршат реформи во системите на образование, обука и млади.

- Националната агенција ќе ја имплементира програмата Еразмус Плус на национално ниво, а со тоа сите отворени акции ќе бидат достапни за македонските студенти, професори, наставници, ученици, младински работници и други заинтересирани лица. Националната агенција во соработка со Министерството за образование и наука на Република Македонија, како и со Европската Комисија, изминатиот период напорно работеше на остварување на сите неопходни критериуми за полноправно учество на Република Македонија во програмата Еразмус Плус, изјави директорот Димитров за МИА по потпишувањето на договорот.

Директорот на ДГ за образование при Еврокомисијата, Трушчински, пак, посочи дека ова е само почеток во она што се очекува да стане пракса од помошта на неформалната Влада на Европската унија за македонското образование. Според планот, сумата која Македонија ја добива од официјален Брисел за оваа намена се очекува да прогресира и до 2020 година да достигне девет милиони евра годишно.

Според директорот на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, полноправното учество на Република Македонија, како програмска земја, значи еднаков пристап до сите можности кои ги нуди програмата ЕРАЗМУС ПЛУС за македонските институции, подеднакво како и институциите од ЕУ земјите учеснички.

-Полноправното учеството на Република Македонија во водечката програма на Европската унија наменета за образование, обука, млади и спорт - програмата Еразмус Плус, преставува значајна подршка на евроинтегративните процеси и ја отсликува европската перспектива на нашата држава, заклучува Димитров. 

26.05.2014 - 16:24
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега